Владата на денешната седница го разгледа и усвои Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година.
Со предложените измени се врши приспособување на приходната и расходната страна на Буџетот, како резултат на фискалното влијание од мерките што ги презеде Владата за поддршка на граѓаните и бизнисот, преку намалувањето на акцизата и ДДВ-то кај горивата.
Со предложените измени, вкупните приходи се проектираат на ниво од 374,2 милјарди денари, додека расходите се проектираат на 420,5 милјарди денари, при што буџетскиот дефицит се задржува на непроменето ниво.
Целта на предложените измени е да се одржи стабилноста на јавните финансии, да се обезбеди непречено и редовно функционирање на институциите, реализација на предвидените програми и навремено сервисирање на сите обврски.
Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот ќе биде доставен до Собранието на понатамошно разгледување и усвојување.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска изјави дека околу 25 милиони евра од буџетот се пренасочени кон општините за капитални проекти- пред сѐ за изградба на градинки.
Премиерот во однос на вчерашната средба со претставниците на Светска банка и извештајот за Македонија рече дека охрабрува е фактот дека ние сме единствената земја во регионот каде што нивелирањето, односно усогласувањето на проценката за раст е во позитивна насока.
„Односно ја започнавме годината со 2,6% раст на бруто домашниот производ, па потоа се нивелираше на 2,9% за да вчера излезе на 3,2%. Иако јас сум убеден дека оваа година растот на бруто домашниот производ ќе биде меѓу 3,5% и 4%, бидејќи во првото полугодие досега е 3,7%, после 3,1% во првиот квартал и 4,3% во вториот квартал. И очекувам да бидеме земја којашто ќе има, ако не најниска, меѓу најниските 2-3 инфлации во регионот и во Европа. И ако не највисок, тогаш меѓу првите пет највисок пораст на бруто домашниот производ во регионот и во Европа“, вели Мицкоски.






















