Шер Бахадур Анџум
Шер Бахадур Анџум е педијатар консултант со седиште во Велика Британија, кој работел во Газа
Јас сум педијатар. Во текот на мојата кариера, се грижев за деца со болести опасни по живот, поставував тешки дијагнози и ги поддржував семејствата во најтешките моменти од нивниот живот.
Но ништо не ме подготви за она што го видов додека се грижев за децата во Газа.
Видов уништување од незамисливи размери, со семејства кои се борат без соодветно засолниште, чиста вода или храна, и луѓе што јадат леб измешан со трева затоа што немаше многу друго достапно.
Но децата се тие што остануваат со мене. Нивните лица остануваат со мене долго по завршувањето на моите смени.
Сретнав седумгодишно девојче како оди дома, држејќи ја раката на својот татко и носејќи леб. Пред да стигнат дома, во напад беше убиен нејзиниот татко.
Преживала со повеќекратни повреди. Оттогаш, едвај зборувала. На возраст кога децата треба да си играат и да одат на училиште, таа носи траума што ниедно дете не треба да ја претрпи.
Сум видел деца како расчистуваат урнатини од своите уништени домови, млади момчиња како креваат камења поголеми од нив и боси деца како работат меѓу скршен бетон и извиткан метал.
Сепак, кога накратко им се придружив на некои деца како играат фудбал, тие се смееја, се насмевнуваа и се расправаа за голови. Неколку драгоцени моменти, тие повторно беа едноставно деца.
Но некои приказни е невозможно да се заборават.
Се грижев за едно мало девојче, Меријам, на возраст од само две и пол години. По нападот со беспилотно летало, таа претрпе изгореници на дел од телото и беше сведок на смртта на нејзината мајка. Нејзиниот татко веќе беше убиен.

Ги загуби двајцата родители пред да наполни три години.
Иако физички стабилна, таа едвај зборуваше или реагираше. Често се прашував: Кој го теши детето кое се буди барајќи ја својата мајка? Кој ѝ помага повторно да се чувствува безбедно?
Друго дете беше четиригодишно момче со лимфом. Неговиот тумор му ги притискаше градите и го отежнуваше дишењето. Обезбедивме итен третман и за среќа дишењето му се подобри.
Сепак, му беше потребен специјалистички третман за рак кој не беше достапен.
Се сеќавам како ме погледна директно и рече: „Докторе, те молам спаси ме“.
Како лекари, ние сме обучени да лекуваме, да донесуваме одлуки и да правиме сè што е можно за да спасиме животи. Но нема поголема беспомошност од сознанието дека детето може да преживее со соодветен третман, а да не може да пристапи до потребните ресурси.
Лекував деца кои страдаат од напади кога основните лекови не беа достапни. Се грижев за критично болни деца чии испитувања не можеа да се завршат затоа што недостасуваа лабораториски материјали. Видов деца во силна болка без пристап до соодветно олеснување на болката.
Ова не се нужно неизлечиви состојби. На многу деца им се потребни лекови, испитувања, опрема и навремена специјалистичка грижа кои веќе постојат, но остануваат недостапни.
Една средба особено ме погоди.
За време на обиколката на одделението, разговарав со мајка чие дете примаше третман за ретинобластом и доби треска. Едноставно прашав: „Дали појадувавте?“
Таа веднаш се расплака.
Немаше појадок. Таа се грижеше за своето тешко болно дете, додека самата се бореше со глад.
Тој момент ме потсети дека здравствената заштита не е само лекови и испитувања. Станува збор и за храна, чиста вода, засолниште и човечко достоинство.
Повеќе од сочувство
Надвор од болниците, страдањето продолжува.
Еден ден, додека патував помеѓу медицинските установи, видов цистерна за вода како поминува низ областа. Околу триесет деца трчаа зад неа, очајно надевајќи се дека ќе добијат вода.
Тие не си играа. Трчаа по нешто што повеќето од нас го земаме здраво за готово. Вода.
Разговарав и со еден татко кој очајно бараше медицинска евакуација за својот четиринаесетгодишен син со леукемија, кој се бореше да дише.
За ваквите семејства, евакуацијата не е само патување. Тоа е надеж. Можеби е разликата помеѓу живот и смрт.
И покрај сè, бев сведок на извонредно достоинство и отпорност. Семејствата кои ги изгубиле најблиските продолжија да изразуваат благодарност. Луѓето без речиси ништо сè уште нудеа гостопримство.
Повторно и повторно, слушав: „Алхамдулилах“.
Нивната отпорност е извонредна, но таа никогаш не смее да стане изговор за светот да ги занемари нивните страдања.
На децата од Газа им е потребно повеќе од сочувство.
Им се потребни основни лекови и ублажување на болката; третман на рак и специјализирана медицинска нега; дијагностички испитувања и медицинска опрема; и, уште поважно, соодветна исхрана, чиста вода за пиење, безбедно засолниште, основни потреби и навремена медицинска евакуација за децата чие лекување не е достапно локално.
Дојдов во Газа за да се грижам за децата. Си заминав со спомени што ќе останат со мене до крајот на мојот живот.
Размислувам за седумгодишното девојче кое го загуби својот татко. Размислувам за Маријам. Размислувам за малото момче кое ме погледна во очи и рече: „Докторе, те молам, спаси ме“.
Овие деца не се статистика, политички аргументи или наслови во весниците. Тие се деца. Имаат имиња, семејства, соништа и иднина.
Некои сè уште можат да бидат спасени. Голем дел од нивното страдање сè уште може да се спречи. Но секој час е важен. Секое одложување е важно. Секое дете е важно.
Ве молам, не дозволувајте да бидат заборавени децата кои можеле да добијат третман, децата кои можеле да оздрават и децата кои можеле да живеат.
Тие ја заслужуваат истата шанса што би ја посакале за нашите сопствени деца. Ја заслужуваат шансата да живеат. Ја заслужуваат шансата да оздрават. Ја заслужуваат иднината.
И ним им е потребна нашата помош- сега.
Одредени податоци за идентификација на пациентите се изменети со цел да се заштити доверливоста.
Извор: ТРТ Ворлд
Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан













