Доналд Трамп е посветен на успехот на Виктор Орбан зашто неговото лидерство е клучно за американските национални интереси, кажа државниот секретар Марко Рубио при посетата на Будимпешта, изразувајќи му силна американска поддршка на унгарскиот премиер пред изборите на 12 април.
Рубио кажа дека американските врски со Унгарија влегоа во златна ера, но се чини го услови тоа со останувањето на Орбан на власт.
„Претседателот Трамп е длабоко посветен на вашиот успех, бидејќи вашиот успех е и наш успех. Сакаме оваа земја да напредува. Тоа е во наш национален интерес, особено додека вие сте премиер и лидер на оваа земја“, рече Рубио, кој вчера ја посети и Словачка.
Трамп веќе му даде јавна поддршка на Орбан пред изборите, на кои тој ќе се соочи со најголемиот предизвик откако ја презеде власта во 2010 година.
„Ако се соочувате со финансиски тешкотии, ако се соочувате со работи што претставуваат пречка за растот, ако се соочувате со работи што ја загрозуваат стабилноста на вашата земја, знам дека претседателот Трамп би бил многу заинтересиран поради вашиот однос со него и поради важноста на оваа земја за нас“, кажа Рубио.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со Рубио, кој е во официјална посета на Будимпешта, Орбан рече дека Унгарија и САД склучиле клучни договори во енергетскиот сектор, вклучувајќи ги нафтата, гасот и нуклеарната енергија.
Унгарскиот премиер изјави дека со американскиот државен секретар разговарале за условите под кои унгарската нафтена компанија МОЛ би можела да стекне значаен удел во српската нафтена индустрија НИС, објавија унгарските медиуми.
„Овие договори, заедно со ослободувањето доделено на Унгарија од претседателот на САД, кое дозволува користење на руски гас и нафта во Унгарија, придонесуваат за континуираната безбедност на снабдувањето со енергија и нашата способност да им обезбедиме на домаќинствата и индустријата исклучително прифатлива енергија во меѓународен контекст“, рече Орбан.
На почетокот на прес-конференцијата, Рубио потпиша договор за нуклеарна соработка со унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Канцеларијата за контрола на странски средства (OФАЦ) на Министерството за финансии на САД, која воведе санкции врз НИС поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво, претходно издаде лиценца за акционерите и заинтересираните страни за преговори за промени во сопственичката структура на НИС, со важност до 24 март 2026 година.
Рускиот „Газпромнефт“, кој е мнозински сопственик на НИС, преговара за продажба на тој удел со унгарскиот МОЛ.















