Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска на средба со новинарите информираше дека ги повикал координаторите на пратеничките групи да им пренесат на пратениците дека треба да го сочуваат дигнитетот на Собранието и да го очитуваат етичкиот кодекс во меѓусебната комуникација како внатре во законодавниот дом така и надвор од него. Гаши потврди дека овој свој став го изнел на денешната редовна координативна средба во Собранието, по минатонеделната преписка на социјалните мрежи помеѓу пратениците Димитар Апасиев од Левица и Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Го покренав прашањето на дигнитет и етички кодекс околу начинот како се однесуваме како пратеници и во Собрание, и надвор од Собрание и ги замолив координаторите да им укажат на сите пратеници да бидеме сите повнимателни едни кон други, а исто и кон граѓаните, затоа што во односот што го имаме ние еден наспроти друг, со тоа го уриваме често пати и нашиот дигнитет личен и на Собранието“, рече Гаши.
Политичките ставови, додаде тој, може да ги искажеме на говорница, каде сакаме јавно но не мора да се понижуваме на таков начин едни со други.
На новинарски прашања Гаши информираше дека пратеничките групи, освен Левица се уште немаат доставени предлози за членови за Анкетната комисија за Кочани и за другите несреќи. Што се однесува до процедурата, рече претседателот на Собранието се е испочитувано. Иако најавија, до петокот СДСМ не доставиле имиња за членови на Анкетката комисија.
„Можеме да зборуваме на координација и за ова“, рече претседателот на Собранието.
Иако беше најавено дека до крајот на јануари ќе се состане и работната група за Изборниот законик, досега немало состанок.
Во среда Собранието ќе ја одржи 85. седница на која ќе бидат констатирани оставките на Марко Бислимовски, претседател на РКЕ и на Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, а се очекува Гоце Наумовски да биде избран за нов уставен судија. На оваа седница би можел да биде ставен на дневен ред и законот за минимална плата што го предложи СДСМ, но, како што кажа Гаши, тој се уште се проверува и оти еднаш веќе беше вратен на доработка. Пред почетокот на работата на пшратениците по точкиот од дневниот ред, в среда ќе се одржат опозициските прашања до премиерот и до министрите.
Гаши информираше дека седницата за пратенички прашања е закажана за 26 февруари, како и дека на 5 март ќе се одржи седница посветена на Денот на жената – 8 Март, на која се очекува да присуствува и претседателката Гордана Силјановска Давкова.














