| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Николоски и Караџов го потпишаа Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.
Николоски и Караџов го потпишаа Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8
Николоски и Караџов го потпишаа Договорот за железничкиот тунел на Коридор 8 / TRT Balkan
6 ноември 2025

Република Северна Македонија и Бугарија ги дефинираат активностите и меѓусебните обврски за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 со Договорот што го потпишаа денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, на железничката станица Ѓуешево.

Договорот за подготовка, изградба и оперативност на тунелот, што ќе биде меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8 за директната железничка врска меѓу Скопје и Софија, беше потпишан во присуство на претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Светска банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД Анџела Агелер.

Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.

„Договорот е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале, за што се учело додека сме биле деца дека двете држави, двата главни града и Софија и Скопје треба да се поврзат со железничка врска“, рече вицепремиерот Николоски, на церемонијата во Ѓуешево, најзападната и највисоко лоцирана железничка станица во Бугарија, на 933 метри надморска височина.

Караџов посочи дека овој ден е исклучително важен и оти се исполнува сон на многу генерации.

„Отвораме, возобновуваме железница стара повеќе од 100 годони. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект“, изјави Караџов.

Пругата Скопје-Софија, чија изградба е почната во 1994 година, се гради во три фази, а проценките на надлежните институции се дека со неа ќе се зголеми товарниот превоз за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по изградбата.

Завршена е изградбата и реконструкцијата на првата делница Куманово – Бељаковце во должина 30,8 километри (40,5 милиони евра). Во тек е изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра, каде прогресот на работите е 35 проценти, а рокот за заврување е крајот на 2026 година.

За третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение, според најавите, следниот месец ќе се распише повикот за избор на изведувач. Изградбата на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничниот, како и 52 моста, се смета за најголем предизвик.

Со тендерот што пропадна, како што објави новата влада на почетокот на мандатот минатата година, вредноста од првично планираните 340 милиони евра била зголемена на 560 милиони евра.

Северна Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.

На западното крило на железничкиот Коридор 8, предвидена е изградба на пруга од Кичево до Лин, за што подготвен е и проект. Владата неодамна најави и проект за реконструкција на линијата Скопје -Јегуновце-Тетово-Гостивар-Кичево во должина од 103 километри.

Добиен е грант од ЕУ од 5,3 милиони евра за изработка на еколошка студија, физибилити студија и подготовка на тендерска докумeнтaција. Се очекува за две години да се избере изведувач.

ИЗВОР:TRT Balkan / агенции
Повеќе
Возачите на камиони од Босна и Херцеговина најавуваат блокади на граничните премини од 12 март
Затворена најголемата рафинерија во Саудиска Арабија по напад на ирански дронови
Зеленски: Украина е подготвена да ги отвори сите преговарачки кластери со ЕУ за неколку дена
Либанскиот премиер најави забрана за воените активности на Хезболах
Три американски авиони Ф-15Е по грешка соборени од кувајтската воздушна одбрана
Франција и Кина прашуваат зошто Израел и САД не побарале одобрение од ОН пред да го нападнат Иран
Либан ги затвора училиштата по израелските напади врз Бејрут и југот
Немало разузнавачки информации дека Иран прв ќе нападне, му соопштил Пентагон на Конгресот
Оштетена Амбасадата на Србија во Техеран за време на воздушните напади
Трамп: Нападите врз Иран би можеле да траат четири недели или помалку
„Ер Франс“ ги продолжува суспензиите на летовите кон Блискиот Исток до вторник
Кувајтско министерство за одбрана: Се урнале неколку американски воени авиони
Израелската армија врши рација во бегалски камп на Западниот Брег, евакуира домови за воена употреба
Ердоган со интензивна дипломатска мисија околу тензиите поврзани со Иран
Аракчи: Иран ќе одлучи кога и како ќе заврши војната