Индискиот национален конгрес- главната опозиција на крајно десничарската партија Баратија Џаната (БЈП) на премиерот Нарендра Моди се обидува да ја искористи промената во глобалното расположение за да стекне предност на домашен терен.
Конгресот се обидува да профитира од очигледното слабеење на крајно десничарскиот бран, тренд што неодамна доведе до губење на власта на популистички лидери во Бразил, Унгарија и Србија, а во САД им овозможи на демократите да освојат мнозинство во двата дома на Конгресот на изборите во средината на мандатот.
Вториот самит „Барат“, што се одржува во Хајдерабад од 12 до 14 ноември, е најјасниот показател за развојот на стратегијата на Конгресот: усогласување со растечкиот глобален отпор кон политиката на доминација на мнозинството.
Овој значаен собир, организиран од владата на државата Телангана (каде што на власт е Конгресот) и темпиран да се совпадне со 137-годишнината од раѓањето на Џавахарлал Нехру, првиот премиер на Индија и основоположник на уставно секуларна држава, се најавува како „прв голем меѓународен собир на прогресивни лидери“ по споменатите клучни изборни резултати.
Според документот објавен пред самитот, се очекува Рахул Ганди, член на Конгресот и лидер на опозицијата во индискиот парламент, да ја искористи оваа платформа за да претстави „алтернативна визија“ заснована на „принципиелен мултилатерализам“ и на наследството на Движењето на неврзаните и афро-азиската солидарност.
Самитот, на кој присуствуваат истакнати политички личности од САД, Јужна Америка, Европа и Азија, има за цел и да воспостави единствена платформа што ги поврзува Глобалниот Југ и Глобалниот Север.
Аналитичарите посочуваат дека незадоволството меѓу граѓаните во Индија е еден од доказите оти националистичкиот бран на доминација на мнозинството, кој ја одбележа изминатата деценија и чие заштитно лице беше Моди, конечно стивнува.
Кенет Бо Нилсен, експерт за јужна Азија од Универзитетот во Осло, за ТРТ Ворлд изјави дека десетици илјади студенти и млади луѓе во Индија се мобилизирале во неколку бранови уште од летото, а најновите се случија во октомври и ноември.
Моделот на протести во Индија го следи образецот на демонстрации против популизмот и во други делови од светот.
Активностите предводени од припадници на Генерацијата Z (Gen Z), предизвикани од протекување на испитни прашања на Медицинскиот факултет, доведоа до оставка на министерот за образование, додека подоцнежните демонстрации беа насочени против опсежните ревизии на избирачките списоци, потег за кој опозициските партии тврдат дека носи ризик од одземање на избирачките права на граѓаните.
Експертите велат дека долгото владеење на Моди, кое трае веќе 12 години, ја вкоренила мајоризацијата и ги маргинализирала муслиманите, кои сочинуваат околу 15 отсто од вкупното население на Индија, кое брои над 1,4 милијарди луѓе.
Сам Питрода, претседател на Индискиот конгрес во странство (Indian Overseas Congress), за ТРТ Ворлд изјави дека борбата на партијата во Индија не е насочена против некој поединец.
„Таа е насочена против целиот сложен систем, кој всушност, ја киднапираше демократијата. Институциите се заробени. На граѓанското општество не му е дозволено да функционира. Со медиумите се манипулира“, вели тој.
Тој ја поврзува оваа ситуација со состојбите надвор од границите на Индија.
„Ова е проблем во многу земји каде што авторитарни сили ја презеле власта за систематски да ја централизираат моќта. Ширум светот, богатите и моќните се здружија“, вели тој.
Според Правин Раи, политички аналитичар во Центарот за проучување на општества во развој (Centre for the Study of Developing Societies) со седиште во Делхи, не смеат да се занемарат структурните разлики помеѓу Индија и остатокот од светот.
Тој за ТРТ Ворлд објаснува дека, со оглед на тоа што партијата БЈП освои околу 37% од гласовите на национално ниво на изборите во 2024 година, наспроти 21% за Индискиот национален конгрес, во комбинација со организациската и финансиската моќ на владејачката партија, Конгресната партија може „селективно да учи“ од изборните искуства во САД, Бразил и Јужна Кореја.
Но тој додава дека Конгресната партија не може едноставно да го преслика моделот на победите на Демократите во САД, поради бројните разлики во партиските системи.
Сепак, Раи издвојува една порака од неодамнешните резултати во САД која е применлива и на други места: политичките партии можат да постигнат успех ако водат кампања фокусирана на економски прашања и избегнуваат дебати што предизвикуваат општествени поделби, со што, всушност, можат да придобијат и идеолошки противници.
Тој ја посочува победата на Абдул Ел-Сајед во американската сојузна држава Мичиген како практичен пример за индиските муслимани: кандидирање во изборни единици каде што нема муслиманско мнозинство, со фокус на економските прашања, наместо да се упаднае во стапиците на религиско/етничка поларизација.
Џоринде ван дер Хорст, докторанд кој го проучува авторитаризмот во Индија, за ТРТ Ворлд вели дека за да се порази крајно десничарската коалиција на Моди, потребен е „широк политички сојуз на сите антифашистички сили“.
Таа додава дека примерот со победата на Луиз Инасио Лула да Силва во Бразил покажува оти таков сојуз може да се создаде без притоа премногу да се разводни прогресивната порака.
„Во Индија, Конгресот долго време го става секуларизмот во преден план... но тој всушност не понуди економски модел што на некој начин би го надминал неолиберализмот“, вели таа, додавајќи дека Конгресот останува „повеќе центристичка партија што се обидува да опфати најразлични гласачи“.

Таа забележува дека Конгресот во минатото, исто така, флертувал со „мека“ верзија на Хиндутва-крајно десничарска идеологија која го дефинира националниот идентитет на Индија низ призмата на хиндуистичкото мнозинство- иако сегашната реторика на партијата е поотворено уставна и секуларна.
Нилсен тврди дека отвореното додворување на Конгресот кон муслиманските гласачи е главно непотребно, бидејќи повеќето муслимани, во секој случај, нема да гласаат за БЈП.
Сепак, таквата стратегија носи ризик да ѝ даде на владејачката партија БЈП готов аргумент за обвинување за „умилкување на муслиманите“, вели тој.
„Можеби моќта на оваа реторика што предизвикува поларизација сега слабее“, вели тој.
Во пораст омразата кон муслиманите
Влогот за околу 200-те милиони муслимани во Индија е голем.
Меѓународните тела што ги следат прекршувањата на човековите права забележаа дека владата на БЈП врши нормализација на насилството врз верските малцинства, особено врз муслиманите, преку дискриминаторски политики, говор на омраза и политички мотивирани дејствија.
Ова вклучува континуирано незаконско уривање на домови на муслимани, закони против „љубовен џихад“ со кои се казнуваат муслимански мажи што стапуваат во брак со девојки од други заедници, забрани за колење крави кои поттикнуваат јавни линчувања, како и ревизија на учебниците по историја со кои се брише придонесот на муслиманите во Индија.
Питрода вели дека секој обид на Конгресот за допирање до гласачите треба да ги надмине рамките на која било поединечна заедница.
„Гласовите на муслиманите се важни во Индија... но не станува збор само за муслиманите. Станува збор за малцинствата, христијаните, Евреите, Сиките, припадниците на племенските заедници“, вели тој.
„Придобивките од развојот всушност не стигнаа до голем број луѓе. Можеби петте отсто од врвот го експлоатираат системот“, вели тој.
Што се однесува до глобалните прогресивни сили кои вршат притисок врз партијата Конгрес во однос на прашањето за Палестина, Нилсен укажува на долгогодишната историја на партијата во спротивставувањето на Израел и поддршката за решение со две држави.
Иако Индија го призна Израел во 1950 година, нејзините односи со ционистичката држава останаа млаки во текот на првите четири децении.
Од друга страна, последователните индиски влади воспоставија блиски односи со Палестинската ослободителна организација (ПЛО) и нејзиниот поранешен лидер Јасер Арафат.
Сепак, односите меѓу Индија и Израел значително се зајакнаа за време на владата на Моди, при што Њу Делхи стана еден од најголемите купувачи на израелска воена опрема. Исто така, Индија се воздржа од поддршка на резолуциите на ОН за прекин на огнот во Газа.
Кога станува збор за Кашмир под индиска управа, спорниот регион чиј посебен уставен статус беше укинат од владата на БЈП во 2019 година, на големо незадоволство на локалното муслиманско население, Ван дер Хорст укажува на долготрајната двосмисленост на партијата Конгрес.
Партијата можеби ќе ја поддржи обновата на државноста и поголемата автономија, иако претходните влади предводени од Конгресот во овој регион, каде што мнозинството се муслимани, имаат своја „сложена историја“ на „насилно владеење“ и наместени избори, вели таа.
Извор: ТРТ Ворлд













