На денешната вонредна седница, црногорскиот Парламент усвои измени на Законот за внатрешна трговија, со кои се гарантира неработна недела.
Законот стапува на сила на денот на објавувањето во Службен весник на Црна Гора. Сите 62 присутни пратеници гласаа за ова законско решение.
Уставниот суд претходно го укина како неуставен член 35а од Законот за внатрешна трговија, односно неработна недела во продавниците. Одлуката на судот беше објавена во Службен весник на Црна Гора.
По одлуката на Уставниот суд, Пратеничкиот клуб на ПЕС поднесе барање за вонредна седница на Парламентот за измена на тој член.
Економската комисија на Парламентот денес ги поддржа тие измени.
Претходно, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, до Парламентот достави предлог за промена на Уставот, со кој се бара измена на член 64 од Уставот со цел уставно да се гарантира општото правило дека вработените во Црна Гора не работат во недела и на државни и други празници.



















