Неколку клубови од турската Суперлига ја осудија интервенцијата на безбедносните сили против навивачите на Бешикташ во Грузија. Тие истовремено упатија критики кон УЕФА поради тоа што на турските тимови им се ускратува правото да бидат домаќини на натпревари против израелски екипи во сопствената земја.
Ова следуваше по судирите што избија за време на натпреварот од Лигата на Европа помеѓу Бешикташ и Хапоел Бер Шева, одигран во четврток.
Трабзонспор беше првиот клуб што изрази поддршка за Бешикташ.
„Не прифаќаме турските тимови да бидат лишени од правото да ги играат своите домашни натпревари во сопствената земја и пред своите навивачи, кога се соочуваат со екипи од окупаторската држава Израел“, се наведува во соопштението на клубот.
„Двојните стандарди на УЕФА по ова прашање за нас се неприфатливи“, додаваат од клубот.
Трабзонспор, исто така, остро го осуди она што го нарече непропорционална интервенција на безбедносните сили врз навивачите на Бешикташ во Грузија, која се случила претходно вечерта и за време на самиот натпревар.
„Да се држиме заедно и да дејствуваме како едно пред неправдите насочени кон турскиот фудбал и нашите навивачи-тоа е нашата најважна должност“, се вели во соопштението.
Клубот изрази солидарност со Бешикташ и неговите навивачи, посакувајќи им брзо закрепнување на оние што беа повредени за време на инцидентите и пренесени во болница.
Ерзурумспор, клуб од Суперлигата, исто така објави соопштение за поддршка на Бешикташ, нагласувајќи дека стои зад тимот од Истанбул.
„Ние сме исто така со навивачите на Бешикташ кои вечерва беа изложени на непропорционална сила. Им посакуваме брзо закрепнување на навивачите кои беа повредени во инцидентите и пренесени во болница“, напиша Ерзурумспор на својот официјален профил.
До судири помеѓу грузиската полиција и навивачите на Бешикташ дојде откако полициските службеници интервенираа поради тоа што еден навивач развиори палестинско знаме на трибините.
Полицијата потоа употреби бибер-спреј и го опколи навивачот. По инцидентите на трибините, судиите го прекинаа натпреварот и го напуштија теренот.
Од Фенербахче изјавија дека „употребата на непропорционална сила врз навивачите на Бешикташ-кои, како и секој турски граѓанин кој застанувањето на страната на угнетените го смета за хуманитарна одговорност, ја изразија својата поддршка за палестинскиот народ – е неприфатлива“.
И Галатасарај ја осуди непропорционалната интервенција, повикувајќи ја УЕФА „да стави крај на практиките што отстапуваат од принципот на еднаквост и вклучуваат двојни стандарди кон нашите клубови!“
Други клубови од Суперлигата, Башакшехир и Самсунспор, исто така ја осудија полициската интервенција и изразија поддршка за Бешикташ.














