Грузиската министерка за надворешни работи, Мака Бочоришвили, тврди дека Украина се спротивставува на европската интеграција на Грузија на различни начини, обвинувајќи го Киев дека се обидува да го попречи патот на Тбилиси кон членство во ЕУ.
Во изјава за локалните медиуми, Бочоришвили рече дека е „срамно“ некој да ја обвинува Грузија во врска со Украина, нагласувајќи дека нејзината земја покажала постојана политичка поддршка за Киев од почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
„Вклученоста на Украина... беше демонстрирана повеќе од еднаш, дека тие се спротивставија на европската интеграција на Грузија на различни начини“, рече таа, додавајќи дека кампањите во 2022-2023 година се обидоа да ја спречат Грузија да добие статус на кандидат за ЕУ.
„Никој не може да каже дека Грузија не ја поддржала Украина во меѓународни формати. Заклучоците донесени во извештајот на Европската комисија целосно ги искривуваат вистинските факти“, рече таа.
Бочоришвили додаде дека политиката на Грузија кон Русија е одраз на политиката на членките на ЕУ и НАТО, насочена кон избегнување на конфронтација и заштита на националната безбедност.
„Примарна одговорност на владата е да избегнува закани за земјата. Ако го сториме ова, тоа не треба да се осудува - треба да се поздравува“, изјави таа.
Бочоришвили исто така, ги критикуваше забелешките на амбасадорот на ЕУ во Грузија, Павел Герчински, велејќи дека тие се усогласуваат со ставовите на шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, и на европската комесарка за проширување, Марта Кос.
„Амбасадорот не може да даде изјава што им противречи на лидерите од Брисел. За жал, изјавата од Брисел ги искривува фактите за тоа што се случи во Грузија на 4 октомври и создава лажни впечатоци“, рече таа.
Грузија доби статус на кандидат за ЕУ во декември 2023 година по месеци тензии меѓу Тбилиси и Брисел околу политичките реформи и наводното демократско уназадување.

















