Идејата за воведување странска администрација во Украина под покровителство на Обединетите нации по завршувањето на војната е една од можните опции за решавање на конфликтот, а Русија е подготвена да разговара за тоа со Соединетите Американски Држави, Европа и други земји, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин.
Заменик-шефот на руската дипломатија, во интервју за ТАСС, оцени дека таков чекор би можел да овозможи одржување демократски избори во Украина и формирање функционална влада со која би било можно да се потпише мировен договор и легитимни документи за идна меѓудржавна соработка.
Според него, слични преседани постоеле во рамките на мировните активности на ОН, а Русија, како што истакна, е подготвена да ја разгледа можноста за воведување привремена странска администрација во Киев во разговорите со американските и европските партнери.
Во исто време, тој истакна дека во рамките на ОН не постои формален механизам за воспоставување привремени меѓународни администрации на териториите погодени од конфликтот.
Галузин потсети на претходните искуства, вклучувајќи ги Источен Тимор и Камбоџа, наведувајќи дека преносот на територија под привремена администрација на ОН обично вклучува неколку фази и исполнување на одредени услови.
Како што објасни, првиот чекор е да се постигне договор меѓу страните во конфликтот, директно или преку медијација, за пренос на надлежностите на ОН, додека понатамошните чекори и нивното конкретно спроведување би биле предмет на преговори.
Галузин изјави дека оваа иницијатива не е нова и потсети дека рускиот претседател Владимир Путин во март 2025 година изјави дека воспоставувањето странска администрација под покровителство на Обединетите нации може да биде една од опциите во случајот со Украина.















