Првата пловечка соларна електрана во Туркије во рамките на програмата за области за обновливи извори на енергија (YEKA) ќе започне со производство на електрична енергија на почетокот на следната година, изјави денес инвеститорот за Анадолу.
Електраната се гради на површината на браната Демирќопру во округот Салихли, во егејската област Маниса, на површина од околу 500 декари.
За проектот се предвидени околу 41 милион евра, а електраната ќе располага со 91.368 соларни панели, секој со моќност од 550 вати.
Вкупниот инсталиран капацитет на панелите ќе изнесува 50,25 мегавати-пик, додека капацитетот за испорака на електрична енергија во мрежата ќе биде 35 мегавати. Се очекува годишното производство да достигне околу 77,6 милиони киловат-часови.
По добивањето на прелиминарната лиценца на 23 јули, теренските работи започнаа пред три месеци, а првите панели беа поставени на водата во октомври.
Работниците ги составуваат платформите со повеќе панели на копно, по што со чамци ги влечат до внатрешните делови на браната.
Инженерите го проектирале пловечкиот систем, тежок 8.000 тони, со флексибилни јажиња за прицврстување и дополнителна должина на каблите за да може да се приспособува на промените во нивото на водата, ветрот и брановите.
Панелите, отпорни на влага и сончева светлина, ќе се следат од далечина, заедно со условите на ветерот и водата. Редовното земање примероци од водата ќе овозможи следење на популациите на риби.
Извештајот за оцена на влијанието врз животната средина на проектот е одобрен од Министерството за животна средина, урбанизација и климатски промени.
Претседателот на компанијата инвеститор, Мухамет Балкаја, за Анадолу изјави дека сите инженерски и материјални фази биле спроведени со особено внимание бидејќи станува збор за прва ваква инсталација во Турција.
„Електраната ќе ја пуштиме во употреба во фази и планираме производството на првите девет мегавати електрична енергија да започне меѓу крајот на јануари и средината на февруари 2027 година“, рече Балкаја.
Тој додаде дека целиот објект ќе биде во функција до крајот на мај и ќе обезбедува доволно електрична енергија за околу 20.000 домаќинства.
Балкаја истакна дека пловечките соларни електрани не зафаќаат шумско или земјоделско земјиште, а истовремено го намалуваат испарувањето на водата и придонесуваат за зачувување на подводната флора и разновидноста на рибите.














