Туркије работи на тоа да обезбеди продолжување на минатогодишниот историски договор за извоз на жито преку Црното Море, кој моментално истекува за 11 дена, соопшти денес Министерството за национална одбрана на земјата.
„Нашите контакти со официјалните претставници од Обединетите нации (ОН), Русија и Украина во врска со продолжувањето на иницијативата за жито, која треба да истече на 17 јули, продолжуваат во координација со турското Министерство за надворешни работи“, изјави претставник на Министерството за национална одбрана за новинарите во главниот град Анкара.
Официјалниот претставник додаде дека според договорот, до денес повеќе од 32 милиони тони жито се транспортирани до луѓето кои имаат потреба.
„Нашата земја ќе продолжи да го врши својот дел со продолжување на конструктивните иницијативи за регионален мир и хуманитарна помош, особено за повторно продолжување на договорот за жито“, рече претставникот, осврнувајќи се на неколкуте претходни продолжувања на договорот под силна иницијатива на Анкара.
Пред една година, Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше паузиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораките.
Првиот брод што превезуваше жито во рамките на договорот тргна во август минатата година од украинското пристаниште Одеса.
Туркије, меѓународно пофалена за нејзината единствена улога на посредник меѓу Украина и Русија, постојано ги повикуваше Киев и Москва да ја прекинат војната преку преговори.
Руските власти силно навестија дека овој месец би можеле да го блокираат продолжувањето на договорот за жито, жалејќи се дека делови од договорот за дозволување на рускиот извоз останале неисполнети.






















