Високите советници на претседателот на САД, Доналд Трамп, се за тоа Израел прво да започне напад врз Иран, пред евентуална американска воена акција, со цел да се обезбеди поголема поддршка од американската јавност за влегување на САД во конфликтот, изјавија извори од Белата куќа за американски Политико.
Според два извори, дел од тимот на Трамп верува дека израелскиот напад би предизвикал иранска одмазда, што потоа би го олеснило мобилизирањето на поддршката од гласачите за американски напад врз Иран.
Проценката, како што е наведено, е дека граѓаните на САД полесно би прифатиле војна доколку Соединетите Американски Држави или нивниот сојузник бидат нападнати први.
Истите извори наведуваат дека, и покрај ваквите размислувања, поверојатното сценарио е заедничка американско-израелска операција.
Во исто време, извори блиски до администрацијата наведуваат дека надежите за дипломатско решение меѓу САД и Иран бледнеат во Вашингтон, и покрај тоа што специјалните претставници на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер се во Женева за да се обидат да постигнат договор.
Според Политико, се разгледуваат различни опции, од ограничен почетен удар за притисок врз Техеран да се согласи со договорот, до поширока воена кампања доколку договорот не успее.
Можни цели, според американските претставници, вклучуваат нуклеарни објекти и инфраструктура за балистички ракети на Иран.
Како една од опциите се споменува таканаречениот „удар со обезглавување“, односно напад насочен кон врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, како и кон раководството на Револуционерната гарда.
Американската војска во моментов има зголемено присуство на Блискиот Исток, вклучувајќи две ударни групи на носачи на авиони, додека претставници на Пентагон предупредуваат дека продолжените напади би можеле да ги оптоварат залихите со муниција и да го зголемат ризикот од иранска асиметрична одмазда против американските бази и персонал во регионот и Европа.











