Американскиот претседател Доналд Трамп го започна своето прво обраќање за состојбата на нацијата во својот втор мандат пред заедничка седница на Конгресот, фокусирајќи се на економијата, царините и надворешната политика.
Во своите забелешки, Трамп го истакна она што го опиша како економски активности и трговска стратегија на неговата администрација, изјавувајќи: „Нашата нација се врати - поголема, подобра, побогата и посилна од кога било досега“.
Тој рече: „Денес нашите граници се безбедни и ние ќе испорачаме сè подобри и подобри резултати. Ова е златното доба на Америка“.
Претседателот на САД на почетокот од своето обраќање посочи на затворањето на границите, состојбата на американската економија и падот на криминалот.
„Денес, нашата граница е безбедна, нашиот дух е обновен. Инфлацијата драстично паѓа, приходите брзо растат. Економијата е во подем како никогаш досега, а нашите непријатели се исплашени. Нашата војска и полиција се наредени, а Америка повторно е почитувана“, рече Трамп.
Тој рече дека наследил „вистинска криза со стагнација на економијата, рекордна инфлација и широко отворени граници“ и додаде: „Нема да се вратиме во ситуацијата во која бевме. Нашите граници денес се безбедни“.
Фокус на безбедноста на границите и имиграцијата
Трамп тврдеше дека на ниту еден недокументиран мигрант не му е дозволен влез во Соединетите Држави во текот на изминатите девет месеци и рече дека протокот на дрогата фентанил преку границата се намалил за рекордни 56 проценти за една година.
Трамп повторно ги критикуваше сомалиските Американци во Минесота, формулирајќи ги забелешките како дел од она што го опиша како борба против измамите.
Тој се осврна на „сомалиските пирати кои ја ограбија Минесота“, алудирајќи на заедницата Соамалијци, велејќи дека „увозот на овие култури преку неограничена имиграција и отворени граници ги носи тие проблеми токму тука во САД, а американскиот народ е тој што ја плаќа цената и повисоките медицински сметки, стапките за осигурување на автомобили, киријата, даноците и, можеби најважно, криминалот“.
Критичарите претходно ги опишаа сличните забелешки како расистички.
Администрацијата постојано ја поврзуваше легалната имиграција со измама и притисок врз системите за социјална помош, наведувајќи го ова како оправдување за суспендирање на обработката на имигрантските визи за 75 земји.
Трамп, исто така, ги повика пратениците да го донесат Законот СAВE, закон што ќе создаде нови барања за идентификација за гласачите.
Трамп тврдеше дека „измамата е раширена на нашите избори. Таа е раширена“.
Тврдења за завршување на војните
Повторувајќи го своето тврдење дека ги сопира војните, Трамп рече дека завршил осум конфликти во текот на првите 10 месеци од неговиот мандат, вклучувајќи го и геноцидот во Газа.
„Завршив осум војни во текот на првите 10 месеци од моето претседателствување, вклучувајќи ја и Газа“, рече Трамп.
Тој додаде дека сите живи и починати биле вратени според договорот за прекин на огнот во Газа што го преговараше неговата администрација.
„Сите заложници, живи и мртви, беа вратени според договорот за прекин на огнот во Газа што го преговаравме“, рече тој, додавајќи дека палестинската група на отпорот Хамас работела „рамо до рамо со Израел за да ги врати останките од мртвите заложници во Газа“.
„И секако, војната во Газа, која се одвива на многу ниско ниво, е отприлика таму“, рече Трамп, опишувајќи го прекинот на огнот како успех.
Иако Трамп тврдеше дека ја завршил израелската геноцидна војна во Газа, израелските сили продолжија да извршуваат напади во енклавата откако започна прекинот на огнот во октомври, при што загинаа повеќе од 600 Палестинци во тој период.
Израел, исто така, продолжи сериозно да го ограничува пристапот до хуманитарна помош, која требаше да влезе на територијата во големи количини според договорот.
Трамп рече дека неговата администрација „интензивно работи на прекин на војната во Украина“ и додаде: „Ќе се стремам кон мир каде што е можно и никогаш нема да се двоумам да се соочам со заканите со кои се соочува Америка каде што е потребно“.
Пркос кон царините
Трамп рече дека САД „штотуку добиле од нашиот нов пријател и партнер, Венецуела, повеќе од 80 милиони барели нафта“, сметајќи го пристапот до енергетски ресурси како дел од неговите економски достигнувања.
Во врска со трговијата, Трамп ја нарече неодамнешната одлука на Врховниот суд на САД со која се укинуваат големи делови од неговите царини „несреќна“, но рече дека ќе се потпира на алтернативни закони за да ги задржи царините на сила без да се консултира со Конгресот.
„Само пред четири дена, донесена е несреќна пресуда од Врховниот суд на Соединетите Американски Држави. Многу несреќна пресуда“, рече Трамп, истакнувајќи дека неговите царини ќе останат под „целосно одобрени и тестирани алтернативни закони“.
„Нема да биде потребна акција од Конгресот“, додаде тој, додека ги опишуваше царините како долгорочен напор за корекција на децениските неурамнотежени трговски односи, додека критичарите велат дека резултатот се повисоките потрошувачки цени.
Обраќајќи се на инфраструктурата за вештачка интелигенција, Трамп рече дека големите технолошки компании што градат големи центри за податоци ќе бидат обврзани да обезбедат сопствена енергија.
„Ние им наложивме на големите технолошки компании дека имаат обврска сами да ги обезбедат своите енергетски потреби“, рече тој, опишувајќи го потегот како „завет“.










