Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина, Петер Соренсен, во среда изјави дека имал добри разговори во Белград со српскиот претседател Александар Вучиќ и директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, за очекувањата во врска со процесот на нормализација оваа година.
„Се фокусиравме на спроведување на сите обврски од дијалогот и конкретни чекори потребни за напредокот на Србија на патот кон ЕУ“, изјави Соренсен на X.
По разговорот со Соренсен, Вучиќ ја нагласи потребата од преземање конкретни чекори кон формирање на Заедницата на српски општини без понатамошно одложување и нагласи дека приклучувањето на Косово кон регионалниот воен сојуз дополнително ги зголемува тензиите и ја загрозува безбедноста на српскиот народ.
Тој, исто така, изрази загриженост за намерите на Приштина да започне со спроведување на нови, како што оцени, ескалирачки и длабоко дискриминаторски одлуки кои директно го загрозуваат опстанокот на српскиот народ од 15 март.
По средбата со Соренсен, Петковиќ изјави дека посочил на обемот на последиците што би можеле да се појават за српскиот народ доколку Приштина почне да ги спроведува таканаречените закони за странци и моторни возила од 15 март.
Дијалогот Белград-Приштина се води под покровителство на Европската Унија од 2011 година со цел нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Тој беше започнат по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година, која Србија не ја признава, но беше признаена од повеќето западни земји.
Со текот на годините, беа постигнати неколку договори, од кои најважен е Бриселскиот договор, потпишан во 2013 година од тогашните премиери на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, и се смета за пресвртница во односите меѓу двете страни, особено во контекст на нивната европска интеграција.
Србија се обврза да ги затвори паралелните институции во северно Косово, додека Приштина се согласи да ја формира Заедницата на српски општини (ЗСО), што досега не е спроведено.
Напредокот во дијалогот е директно поврзан со европската интеграција на двете страни, бидејќи ЕУ смета дека нормализацијата на односите е клучен услов за продолжување на нивниот пат кон членство.
Соренсен последен пат ги посети Приштина и Белград кон средината на јануари, а на 11 февруари неговиот мандат беше продолжен за уште две години.













