Брзата експанзија на вештачката интелигенција ризикува продлабочување на еколошките нееднаквости, со растечката побарувачка за вода, енергија и критични минерали што претставува дополнителен товар врз заедниците што се веќе ранливи на климатските промени, изјавија шведските експерти за Анадолу на Конференцијата на ОН за клима КОП31.
„Вештачката интелигенција не е нешто што живее во облак. Таа е многу реална. Таа не доаѓа со тривијален отпечаток од вода, енергија и критични минерали“, рече Сомја Јоши, директорка за истражување во Стокхолмскиот институт за животна средина (СЕИ) и претседателка на неговата работна група за вештачка интелигенција.
Џоши и нејзината колешка Аника Маркович, директорка за ангажман и влијание на институтот, повикаа на поголема одговорност во справувањето со климатските промени, при што Јоши се фокусираше на еколошкиот отпечаток на вештачката интелигенција, а Марковиќ ги повика владите да ги исполнат своите климатски обврски.
Јоши предупреди дека владите и технолошките компании мора да се соочат со еколошките трошоци на вештачката интелигенција, наместо да се фокусираат само на технолошките иновации и економските придобивки.

Технологијата се потпира на огромна физичка инфраструктура, од енергетски интензивни центри за податоци до производство на полупроводници и екстракција на минерали, што покренува прашања за тоа кој има корист од нејзиното проширување и кој ги сноси трошоците.
Според Меѓународната агенција за енергија, потрошувачката на електрична енергија од центрите за податоци ширум светот се предвидува да се удвои речиси од 485 терават часови во 2025 година на околу 950 терават часови до 2030 година, делумно поттикната од брзиот раст на вештачката интелигенција.
Јоши вели дека заедниците погодени од инфраструктурата на вештачката интелигенција мора да имаат збор во тоа како таа се развива, наместо да бидат оставени сами да ги сносат нејзините еколошки трошоци.
„Заедниците што ја поседуваат таа земја, без разлика дали се тоа домородни заедници или локални заедници кои веќе се погодени од климатски шокови, тие треба да имаат сопственост врз овие одлуки“, рече Јоши.

Таа предупреди против концентрирање на економските придобивки од вештачката интелигенција кај неколку моќни компании, а воедно да се остават ранливите популации да ги сносат нејзините еколошки и социјални трошоци.
„Мора да постои правичност, така што ефектите од дистрибуцијата на вештачката интелигенција, како позитивните влијанија, така и ризиците, да бидат распределени ефикасно“, рече таа.
„Ризиците, особено во овој момент, ги сносат заедниците на Глобалниот Југ, кои веќе се многу ранливи на климатски шокови. Затоа, ова мора да се земе предвид кога зборуваме за одржлива вештачка интелигенција“, додаде таа.
Јоши посочи на иницијатива во Колумбија, во која се вклучени СЕИ и Грин винд енерџи (Green Wind Energy), каде што домородните заедници презеле сопственост врз технологиите за обновлива енергија, вклучително и одлучувањето за нивната имплементација и одржување.
Таа наведе дека слични пристапи би можеле да се применат и кај инфраструктурата за вештачка интелигенција, при што засегнатите заедници би биле вклучени во одлуките за податочните центри и големите индустриски постројки уште од самиот почеток.
„Локалните заедници треба да бидат вклучени од првата фаза, а не дополнително, како некоја накнадна мисла“, рече таа.

Јоши истакна дека меѓународната заедница веќе поседува значително знаење и има преземено обврски во однос на климатските активности, но решенијата мора да стигнат до луѓето што се најмногу погодени.
„Не станува збор за недостиг на знаење, па дури ни за недостиг на посветеност. Сакаме да видиме дека решенијата на терен допираат до луѓето на кои им се најпотребни“, рече таа.
Единствениот начин да се бара одговорност од владите
Маркович, пак, го поздрави фокусот на КОП31 врз имплементацијата, но предупреди дека владите мора да сносат одговорност за исполнувањето на своите климатски ветувања.
„Единствениот начин да се бара одговорност од владите е всушност да ги прашаме за тоа“, рече таа.
Маркович повика да се изврши притисок врз владите за да објаснат зошто не успеале да ги исполнат претходните обврски и какви конкретни чекори планираат да преземат за да ги реализираат своите ветувања.
Нејзините коментари доаѓаат во момент кога преговарачите на КОП31 се обидуваат да ги надминат поделбите околу климатското финансирање и транзицијата кон напуштање на фосилните горива.
Нацрт-одлуката, објавена во понеделникот, предвидува тројно зголемување на годишните средства за адаптација наменети за земјите во развој-до најмалку 120 милијарди долари до 2035 година- како и забрзување на процесот на напуштање на фосилните горива.
Документот од 18 страници, со датум 16 ноември и изготвен под претседателството на КОП31, ги повикува развиените земји да го зголемат колективниот износ на средства за адаптација и да претстават патоказ за постигнување на оваа цел.
Исто така, се стреми да го балансира финансирањето за прилагодување и ублажување во рамките на пошироката цел за мобилизирање на најмалку 300 милијарди долари годишно до 2035 година.
Предлозите се уште се во фаза на преговори и сè уште не се усвоени.
Маркович призна дека геополитичките тензии и економските притисоци би можеле да влијаат на достапноста на средства за климатски промени, но тврди дека владите не смеат да ги изгубат од вид своите постојни обврски.

„Она што ми се допаѓа кај овој КОП досега е тоа што многу се однесува на имплементацијата“, рече таа, истакнувајќи ги напорите на владите, бизнисите и организации, со цел климатските цели да се претворат во практични мерки.
Таа, исто така, повика на побрзо постепено укинување на фосилните горива, опишувајќи го тоа како клучно за намалување на глобалните емисии и за ограничување на затоплувањето во рамките на целта од 1,5 степени Целзиусови.
„Немаме избор. Мораме да го направиме тоа и мораме да работиме на поддршка на најранливите групи, за да обезбедиме праведна транзиција“, рече таа.
Маркович нагласи дека во транзицијата приоритет мора да им се даде на работниците, домородните заедници, жените и земјоделскиот сектор, а особено на оние чија егзистенција сè уште во голема мера зависи од производството на фосилни горива.
„Работиме на тоа да обезбедиме финансиските средства да стигнат до крајните корисници- до најранливите групи“, изјави Маркович.
Извор: АА













