Втората рунда нуклеарни преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, што се одржа денес во Женева, заврши.
Како што претходно објави Министерството за надворешни работи на Иран, втората рунда индиректни нуклеарни преговори се одржале во амбасадата на Оман во Женева.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека атмосферата била „поконструктивна од минатиот пат“.
Тој истакна дека за време на преговорите биле дискутирани посериозни теми и дека се постигнати конкретни договори во врска со клучните прашања.
„Нашите очекувања се дека преговорите ќе се движат кон конкретни решенија, иако сè уште не сме постигнале конечен договор“, изјави Аракчи за новинарите во Женева, пренесува агенцијата Тасним.
Како што оцени, ова е важен чекор кон постигнување опипливи резултати, но, како што изјави, „преговарачките тимови треба да продолжат да работат на клучните прашања и да разјаснат уште некои детали“.
Тој изјави дека преговорите ќе продолжат, без да прецизира точен датум.
„Не е одредено конкретно време за следната рунда, а беше договорено двете страни да работат на текстовите, а потоа ќе се дефинира датумот на третата рунда преговори“.
Како што изјави, потребно е време за „двете страни да ги приближат своите позиции“.
Иранската телевизија „Прес ТВ“ претходно изјави дека разговорите биле фокусирани на нуклеарното прашање и укинувањето на американските санкции, додека форматот на разговорите го следел претходниот круг, одржан на 6 февруари во Мускат.
Иранската делегација ја предводи министерот за надворешни работи Абас Аракчи, со заменици за политички, правни и економски прашања, како и технички и правни експерти.
Во пресрет на преговорите, Аракчи нагласи дека Иран нема да подлегне на заканите и дека влегува во преговорите со цел да се постигне фер и избалансиран договор.
Еден ден пред почетокот на разговорите, Аракчи се сретна со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, за да разговараат за технички прашања и соработката на Техеран со агенцијата.
Разговорите се одржуваат во контекст на зголемени регионални тензии, вклучително и распоредување на американски воени сили во регионот.
Техеран предупреди дека ќе одговори на секој чин на нов воен притисок, како што беа минатогодишните напади врз нуклеарните постројки на Иран.













