| Macedonian
Мислење
ПОЛИТИКА
6 мин читање
Од Саада до Сана: Подемот на Хутите
Изворите на моќта и успехот на Хутите се тесно поврзани со циклусот на конфликти, поттикнат од внатрешната фрагментација на Јемен, регионалните тензии и глобалниот хаос
Од Саада до Сана: Подемот на Хутите
Клучните карактеристики на Хутите се нивната идеологија, која вклучува и антиимперијалистичка реторика, како и внатрешното единство / Others
 

Мајса Шуџа ал-Дин

Мајса Шуџа ал-Дин е виш истражувач во Центарот Сана. Нејзините текстови и анализи се објавени во повеќе медиуми, меѓу кои Џадалија, Асафир ал-Араби, Ал-Араби ал-Џадид и Ал-Монитор 

Во 2004 година, името „Хути“ за првпат се појави како ознака за бунтовничка група што се бореше против владините сили во Саада, во северниот дел на Јемен, близу границата со Саудиска Арабија. 

По тримесечни борби, од јуни до септември, конфликтот заврши со смртта на водачот на групата, Хусеин ал-Хути.

Она што започна како мала бунтовничка група, во рок од една деценија го зазеде главниот град. Нивниот подем отвори прашања за тоа како едно релативно мало идеолошко движење успеало да собере толку голема моќ.

Идеологија и единство

Две од клучните карактеристики на Хутите се нивната идеологија и внатрешното единство. Тие не се само обична група следбеници на зајдизмот, бидејќи го развиле концептот на „вилаја“ (wilaya), комбинирајќи елементи од зејдизмот со концептот „вилајат ал-факих“ (Wilayat al-Faqih). 

Нивните верувања и раните врски со Иранската револуција ги преобразија во нешто повеќе од локално зајдиско движење. Пред 2011 година, тие добиваа поддршка од Хезболах. По 2011 година, поддршката од Иран стана подиректна, а по 2014 година, кога Хутите го зазедоа главниот град, таа стана уште позначајна.

ПоврзаниTRT Balkan - Хутите го погодија највисокиот облакодер во Ријад

Посветеноста на Хутите кон нивната идеологија и подготвеноста да поднесат жртви за неа, сведочат за длабокото убедување на групата. Ова е клучно за разбирање на нивните постапки и амбицијата да ја шират својата идеологија како револуционерно движење што ги надминува границите.

Идеологијата на движењето излегува надвор од рамките на зајдиската доктрина-најмалата гранка на шиитскиот ислам, која е застапена речиси исклучиво во Јемен. 

Таа исто така вклучува антиимперијалистичка реторика и повикува на муслиманско единство против она што го опишува како ционистичко-западен заговор.

Идеологијата на групата е тесно поврзана со единството на нејзиното раководство. Ова резултираше со високо централизирана организација која може да дејствува брзо и одлучно, со минимални внатрешни поделби.

ПоврзаниTRT Balkan - Дали блокадата на Хутите на Баб ел-Мандеб ќе предизвика глобален скок на цените на енергенсите

Абдул Малик ал-Хути поседува речиси апсолутен верски и политички авторитет, кој не може да биде оспорен. Тој има доверба само во одбрана група луѓе чија лојалност е докажана, особено за време на војните во Саада (2004-2010), кога движењето сè уште било слабо.

Крутата идеологија на Хутите, обединетото раководство и потпирањето на тесен круг лојални соработници ја прават групата кохезивна и ефикасна. 

Сепак, истите овие карактеристики можат да претставуваат и слабости. Секташката и исклучувачка природа на нивната идеологија ја ограничува привлечноста на движењето меѓу Јеменците. Таа, исто така, создава сериозна пречка за Хутите, без разлика дали дејствуваат како де факто власт или како експанзионистичко воено движење, бидејќи нивните противници и критичари често се етикетираат како лицемери или тирани.

Исто така, иако високо централизираната структура и тесниот круг на крајно лојални соработници можат да ја направат групата флексибилна и ефикасна, тие истовремено можат да го отежнат растот или прилагодувањето на движењето доколку дојде до потрес во неговиот центар на моќ. Во мирнодопски услови, овие карактеристики можат да станат товар, наместо предност.

Поделби и фрагментација

Силата на Хутите не произлегува само од нивната идеологија и организација, туку и од околностите во кои се појавија, како и од поделбите меѓу нивните ривали. 

Движењето се појави за време на кризата во режимот на Али Абдула Салех, кој владееше со Јемен повеќе од три децении, од 1978 до 2012 година. Во последните години од неговото владеење, корупцијата и непотизмот поттикнаа растечка опозиција и ривалства. 

Власта, исто така, беше поделена меѓу поддржувачите на планот за наследување, кој требаше да го издигне синот на Салех, и претставниците на стариот режим кои се спротивставуваа на тоа.

ПоврзаниTRT Balkan - Eкономските победници и губитници од војната на САД и Израел против Иран

За време на војните во Саада (2004-2010), Хутите имаа корист од напорите на синот на Салех да ги елиминира своите ривали. Делови од јеменската армија, поврзани со синот на Салех, наводно ја снабдувале групата со оружје, помагајќи во продолжувањето на борбите и ослабувањето на армиските единици лојални на старата гарда.

Хутиите се приклучиле на опозицијата за време на востанието против Салех во 2011 година. Во текот на востанието и транзицискиот период што следел, тие продолжиле со својата воена експанзија, искористувајќи ги политичките соперништва и поделби во Јемен.

Во 2014 година, Хутиите се здружиле со поранешниот претседател Салех, потпирајќи се на неговите социјални и политички мрежи. Во меѓувреме, преодниот претседател Абдрабу Мансур Хади верувал дека Хутиите се премногу слаби за да претставуваат закана и дека можат да бидат искористени за да го ослабат својот моќен ривал, партијата Ал-Ислах, која има корени во Муслиманското братство.

Претпоставката дека Хутиите се премногу мали за да бидат важни и дека можат да бидат искористени против ривал беше вообичаена меѓу јеменските политичари и фракции. 

Малкумина замислуваа дека движењето може да ги манипулира овие соперништва за да ги елиминира моќните противници еден по еден.

Во септември 2014 година, Хутиите го освоија главниот град Сана со мал отпор. Тие постигнаа разбирање и со поранешниот претседател Салех и со претседателот Хади, кои секој засебно, го гледаа движењето како потенцијален сојузник против нивниот заеднички непријател, Ал-Ислах. 

Хутите помогнаа да се порази Ал-Ислах, а потоа се свртеа против своите поранешни партнери. Хади беше соборен од власт, а Салех беше убиен во декември 2017 година, со што Хутите станаа доминантни во Сана.

Откако во 2015 година избувна војната, Хутите станаа сè повешти во препознавањето на слабостите на своите противници. 

ПоврзаниTRT Balkan - Јемен следното бојно поле во конфликтот меѓу САД и Иран?

Тие сфатија дека поделбите кај нивните ривали, поттикнати од спротивставени регионални интервенции на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, од конфликтни агенди меѓу поддржувачите на јеменското единство и сецесионистите, како и од долготрајните непријателства меѓу Ал-Ислах и фракциите што претходно беа поврзани со Салех, можат да се искористат во нивна полза.

Овие поделби, засилени со отсуството на обединето раководство, заедничка визија или јасна рамка за соработка, станаа една од најголемите предности на Хутите.

Бесконечна војна

Единството и идеологијата на Хутите се зацврстени преку постојан конфликт. Групата не разви силни политички вештини, ниту пак успеа да изгради трајни сојузи. 

Таа останува воена по својата природа, идеологија и структура. Ова помага да се објасни низата конфликти во кои таа била вклучена: војните во Саада (2004-2010), судирите со салафистите и воената експанзија на северот (2011-2014), граѓанската војна и конфликтот со коалицијата предводена од Саудиска Арабија (2015-2022), како и нејзиното учество во војната во Газа (2023-2025), проследено со тековниот конфликт.

Овие војни укажуваат на тоа дека групата тешко функционира долго време без конфликт, бидејќи тоа би барало од неа да одговори на барањата за владеење и мир. 

Според тоа, изворите на моќ и успех на Хутите се тесно поврзани со еден циклус на конфликти, кој може да се одржува благодарение на внатрешната фрагментација на Јемен, регионалните тензии и глобалниот хаос.

Извор: АА

Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан

Повеќе
Договрена соработка со Универзитетот Тракија и обука за македонските здравствени работници
Германските индустриски работници започнаа први целодневни предупредувачки штрајкови по осум години
Турскиот брод Оруч Реис пристигна во Пакистан за да започне сеизмички истражувања
Русија ги отфрла безбедносните гаранции за Украина по примерот на НАТО
Пораз на Ликуд на Нетанјаху: Избран нов претседател на Кнесетот од редовите на опозицијата
Во Полска се урнала руска крстосувачка ракета
Најмалку петмина загинати во масовен руски ракетен напад врз Украина
Апел од децата во Газа до светот за Светскиот ден на детето: „Не заборавајте нè“
Иран ги отфрли тврдењата на Трамп дека Техеран развива биолошко оружје
Политико: Трамп ја доведува во прашање европската воена помош за Украина
ЕУ ќе го повика претставникот на Русија по нападите на Киев и оштетувањето на амбасадите
Зеленски: Украина, САД и Европа разговараа за безбедносните гаранции за Киев
Калифорниската адвокатска комора го истражува адвокатскиот статус на поранешната портпаролка
„Спасете ги децата“: Секое четврто дете во светот живее на подрачје на судири
МВР со предупредување до родителите: Заштитете ги децата од онлајн групата „764“