Поранешниот претседател на Словенија и директор на Институтот „Пријатели на Западен Балкан“, Борут Пахор, денес оцени дека мирот на Балканот ќе биде траен кога сите земји ќе влезат во Европската Унија и изрази верување дека единствениот стабилен пат напред е вклучувањето на сите земји од регионот во ЕУ.
Сепак, Пахор нагласи дека тоа не е официјална стратегија на Унијата и оти е очигледно дека Брисел во моментов ги фаворизира Црна Гора и Албанија.
Оценувајќи ја моменталната глобална ситуација и начинот на кој таа се одразува на Западен Балкан, Пахор во интервју за „Политика“ изјави дека општоприфатената проценка за глобалната ситуација на Балканот - дека владее мир и основна стабилност - е погрешна или барем недоволно осмислена и дека тргнува од, како што истакна, претпоставката дека политичката и безбедносната архитектура е доволно солидна за мирот да трае.
„Не сум убеден во тоа. Мислам дека мирот ќе трае само кога сите земји од Западен Балкан ќе бидат дел од ЕУ. До тој момент, за жал, сè уште има долг пат. Можеме само да се надеваме дека ништо нема да се случи по патот што би ја загрозило безбедноста на регионот“.
Тој изрази верување дека единствениот стабилен пат напред е вклучувањето на сите земји од регионот во ЕУ, но дека тоа не е официјалната стратегија на ЕУ.
„Очигледно е дека Брисел во моментов ги фаворизира Црна Гора и Албанија. Ова, секако, е добро за двете земји и му овозможува на Брисел релативно лесно да го оживее оштетениот кредибилитет на политиката на проширување, со пораката: „Видете, се врти“. Ова е напредок, но не го решава фундаменталниот безбедносен проблем на Балканот“, рече Пахор.
Тој нагласи дека ги поддржува сите иницијативи што го продлабочуваат дијалогот и соработката во регионот, вклучително и Берлинскиот процес, и потсети дека ја поддржува и иницијативата „Отворен Балкан“, во која, вели тој, видел можност за помирување меѓу Белград и Приштина.
„Тоа беше тест на довербата, кој, за жал, не траеше“, изјави Пахор.
Кога беше прашан како, 30 години по потпишувањето на Дејтонскиот договор, ја гледа моменталната политичка ситуација во Босна и Херцеговина и можноста за нејзиниот европски пат, Пахор изјави дека Дејтонскиот договор го овозможил мирот и дека е од клучно значење не само за БиХ, туку и за стабилизацијата на целиот регион.
Тој додаде дека, како и секој мировен договор, Дејтонскиот се темелел на компромиси кои, на долг рок, станале пречка за побрз развој на Босна и Херцеговина како функционална држава.
„Фактот дека уставната структура на Босна и Херцеговина сè уште не е модернизирана во согласност со современите потреби ја покажува и силата и слабоста на Дејтон. Верувам дека процесот на уставни реформи би бил многу поедноставен доколку БиХ веќе беше членка на ЕУ. Сепак, Брисел размислува поинаку“, рече Пахор.
Зборувајќи за можноста за решавање на кризата во Украина преку дијалог, Пахор нагласи дека е потребно да се биде особено внимателен, по прекинот на огнот на Блискиот Исток и очекуваниот прекин на огнот во Украина, да не се случи сериозен безбедносен инцидент на Западен Балкан.
„Речиси никој не мисли дека такво сценарио е можно, а ниту јас го сакам. Но јас веќе не сум политичар и не ми треба да бидам политички коректен. Западен Балкан е прекрасен дел од Европа, со прекрасни луѓе и голем потенцијал. Но, сегашната ситуација е премногу кревка за да ги потцениме опасностите што ги носи“, смета Пахор.














