Туркије ја отфрли резолуцијата на Европскиот парламент во врска со договорот на Анкара за поморска јурисдикција со Либија од 2019 година, оценувајќи ја одлуката како пристрасна и заснована на неосновани тврдења.
Во соопштението објавено во четвртокот, турското Министерство за надворешни работи наведе дека ја отфрла резолуцијата усвоена за време на пленарната седница на Европскиот парламент на 26 ноември, која се однесува на Меморандумот за разбирање за разграничување на областите на поморска јурисдикција, потпишан меѓу Туркије и Либија во 2019 година.
Од Министерството истакнаа дека Европската унија нема надлежност за разграничување на областите на поморска јурисдикција, додавајќи дека тоа е потврдено и со пресуда на Судот на правдата на ЕУ.
„Обидите на Европскиот парламент да усвојува резолуции врз политичка основа, занемарувајќи го меѓународното право под изговор за солидарност меѓу земјите-членки, се залудни“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека воспоставувањето мир и стабилност во Источен Медитеран е можно преку пристапи што им даваат приоритет на дијалогот, добрососедските односи, заемната почит и соработката.
Министерството, исто така, ги повика претставниците на ЕУ да заземат конструктивен став, во согласност со овие принципи.














