| Macedonian
Политичкото коцкање од 500 милиони долари на Елон Маск: Што тргна наопаку и што следи?
Победата на демократите во американскиот Конгрес може да донесе построг надзор врз технолошкиот сектор, особено вештачката интелигенција, и да го забави брзиот раст на индустријата, вели еден аналитичар
Политичкото коцкање од 500 милиони долари на Елон Маск: Што тргна наопаку и што следи?
Најголемиот донатор на републиканците дури и се закани со одмазда откако демократите најавија истраги врз неговите компании
 

Додека републиканците претрпеа убедлив пораз, а Тексас го избра својот прв демократски гувернер по повеќе од три децении, еден од најголемите губитници на средномандатните избори во САД не беше на гласачкото ливче: милијардерот Елон Маск.

Најбогатиот човек во светот потроши речиси половина милијарда долари за да ги поддржи републиканските кандидати и да го одржи Тексас „црвен“- државата каде што се наоѓаат неговиот производител на автомобили Тесла, компанијата за ракети и вештачка интелигенција СпејсX и планираниот потфат за производство на чипови меѓу двете.

Овие облози се распаднаа кога демократите ги освоија двата дома на Конгресот, а Џина Хинохоса го победи Грег Абот во трката за гувернер на Тексас, со остра критика до американскиот претседател Доналд Трамп, близок сојузник на Маск, кој помогна тој да биде избран.

Маск, кој и во вторникот ги повикуваше своите следбеници на X да гласаат за републиканците, сега се соочува со воскреснатата Демократска партија на која со години ѝ се спротивставуваше.

Најголемиот донатор на Републиканската партија минатиот месец на својата платформа за социјални медиуми дури и се закани со одмазда откако се појави извештај, според кој, демократите размислуваат за истраги врз неговите компании ако победат на средномандатните избори.

Акциите на СпејсX паднаа за 3,8% во претпазарното тргување, а на Тесла за 3,6%, бидејќи обете акции заостануваа на поширокиот пазар.

Еден од најголемите предизвици за Маск би можело да биде побавното одобрување на центрите за податоци, кои се клучни за искористување на пазарот од 28,5 билиони долари што СпејсX им го понуди на инвеститорите пред својата првична јавна понуда.

Аналитичарите и експертите очекуваат демократите да го заострат надзорот врз проектите за центри за податоци и да се залагаат за мораториуми за изградба, бидејќи расте локалното противење околу трошоците за електрична енергија.

„Преземањето на Конгресот од демократите би извршило притисок врз технологијата и потенцијално би донело регулаторен притисок врз сè што е поврзано со вештачката интелигенција и евентуално би го забавил дивиот, како на Дивиот Запад раст на бројките што ги гледаме секојдневно и често ги земаме здраво за готово“, рече Џејк Долархајд, извршен директор на Лонгбоу Асет Менаџмент (Longbow Asset Management).

„Маск беше дар за републиканците до самиот крај. За жал, неговата голема инфузија на пари за поддршка на црвените држави не можеше да ги надмине повисоките сметки за комунални услуги, цените во продавниците за храна и цените на бензинските пумпи.“

Маск, исто така, привлече критики од демократските пратеници поради ограничувањата на сателитските комуникации што ги користи војската на Украина, масовните намалувања на федералните работни места под негово водство во Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) и владините договори и субвенции што течеа кон неговите компании.

Еден од пратениците е Роберт Гарсија, следниот претседател на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, кој имаше директна порака од два збора за републиканците и нивните сојузници во вторник вечерта: „Барајте адвокати.“

Хинохоса се залага за мораториум на центрите за податоци

Во Тексас, Маск можеби ќе мора да се справи и со слабите односи меѓу него и Хинохоса.

Новата гувернерка тужеше за да добие е-пошта од преписката меѓу Маск и Абот и го обвини поранешниот гувернер дека ја продава „Државата на осамената ѕвезда“ нудејќи му поволни зделки на милијардерот.

Таа, исто така, ги отфрли напорите на Абот да ги ограничи центрите за податоци како политички театар, повикувајќи наместо тоа на итно запирање на новите проекти сè додека законодавците не ја зајакнат заштитата на локалните заедници, како и на укинување на даночните олеснувања.

Самиот Маск се чини дека ги омаловажува пречките. „Центрите за податоци во вселената изгледаат доста привлечно во моментов“, објави тој на X, алудирајќи на амбициозниот план на СпејсX да постави центри за податоци во орбитата и покрај големите предизвици околу ладењето и поправките.

Бизнисот со вештачка интелигенција на компанијата е центриран околу Колос и Колос II (Colossus и Colossus II), два од најголемите центри за податоци со вештачка интелигенција во светот во близина на Мемфис. 

Изнајмувањето на нивната компјутерска моќ на клиенти, вклучувајќи го и Aнтропик (Anthropic), ги зголеми приходите и му помогна на СпејсX да го оствари својот прв профит како јавна компанија.

Но компанијата има за цел речиси да го удвои капацитетот од 1,7 гигавати на крајот на септември на дури 3 гигавати до крајот на годината, пред да се зголеми на 13 гигавати следната година.

Секое одложување во пуштањето на капацитетот во употреба може да ги попречи амбициозните цели за приходи на Маск и да го интензивира надзорот од инвеститорите кои се повеќе се претпазливи во врска со растечките трошоци на инфраструктурата за вештачка интелигенција.

Фирмата за истражување на чипови СемиАналисис (SemiAnalysis) идентификуваше повеќе од 9 гигавати планиран или развиен капацитет, вклучувајќи ги и новите објекти во комплексот Старбејс на СпејсХ во Бока Чика, Тексас.

Тоа проширување на Бока Чика би можело да се соочи со отпор бидејќи Хинохоса се спротивстави на потенцијалната продажба на државен парк на брегот на СпејсX, откако Тексас Монтли објави дека официјални лица разговарале за договорот.

„Да бидам јасна: Тексас не е на продажба“, рече Хинохоса минатиот месец. 

Маск, во меѓувреме, го избриша својот апел до неговите следбеници на денот на изборите да гласаат за републиканците.

Извор: Ројтерс

Повеќе
350 палестински деца во израелските затвори соочени со тортура и глад
Мерц: Оваа зима за Украина ќе биде најтешка од почетокот на војната
Емине Ердоган повика на глобална заштита на правата на децата со фокус на Газа
Илјадници луѓе протестираат низ цела Италија поради платите и јавните услуги
Договрена соработка со Универзитетот Тракија и обука за македонските здравствени работници
Германските индустриски работници започнаа први целодневни предупредувачки штрајкови по осум години
Турскиот брод Оруч Реис пристигна во Пакистан за да започне сеизмички истражувања
Русија ги отфрла безбедносните гаранции за Украина по примерот на НАТО
Пораз на Ликуд на Нетанјаху: Избран нов претседател на Кнесетот од редовите на опозицијата
Во Полска се урнала руска крстосувачка ракета
Најмалку петмина загинати во масовен руски ракетен напад врз Украина
Апел од децата во Газа до светот за Светскиот ден на детето: „Не заборавајте нè“
Иран ги отфрли тврдењата на Трамп дека Техеран развива биолошко оружје
Политико: Трамп ја доведува во прашање европската воена помош за Украина
ЕУ ќе го повика претставникот на Русија по нападите на Киев и оштетувањето на амбасадите