Туркије планира да издвои повеќе од 20 милијарди турски лири или над 350 милиони евра за да го забрза остварувањето на целите на Националната вселенска програма и да ја намали зависноста од странски вселенски и воздухопловни технологии.
Средствата ќе бидат насочени кон високотехнолошко претприемништво, истражување и развој, како и кон домашно производство и тестирање на клучни вселенски системи и потсистеми.
Тие, исто така, ќе ги забрзаат активностите во рамките на турската програма за истражување на Месечината, чија цел е слетување на површината на Месечината уште следната година и ќе помогнат да се обезбеди независен пристап до орбитата на Земјата преку вселенски космодром во Сомалија.
Се очекува годишните издвојувања во рамките на овој тригодишен финансиски пакет да се зголемат од 104,3 милиони евра во 2027 година на 119,7 милиони евра во 2028 година, достигнувајќи 131,2 милиони евра во 2029 година.
Од вкупниот износ, приближно 354,6 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на националната Програма за вселена и воздухопловство, додека околу 474.700 евра ќе бидат издвоени за Програмата за управување и поддршка.
Летало за истражување на Месечината, развиено под водство на Одделот за вселенски истражувања при Советот за научни и технолошки истражувања на Туркије (ТУБИТАК), ќе спроведува истражувања во месечевата орбита пред да се спушти на површината на Месечината, користејќи хибриден погонски систем развиен во земјата.
Турската вселенска агенција, исто така, работи на обезбедување независен пристап до орбитата на Земјата преку развој на сопствени ракетни технологии и воспоставување вселенски космодром во Сомалија. Ова ќе ѝ овозможи на Туркије самостојно да лансира сопствени сателити, како и во иднина да одговара на барања за лансирање од целиот свет.
Агенцијата, исто така, планира да се насочи кон истражување на длабоката вселена преку формирање на напреден центар за истражување и развој, фокусиран на технологија на фузија за идни погонски системи.
Се очекува изградбата на овој центар да биде завршена 60 проценти до следната година, додека целосното завршување е предвидено за 2029 година.
Дополнително, се планира формирање на центар за апликации поврзани со вселенското време, кој ќе ги следи и моделира феномените поврзани со вселенското време. Се очекува центарот да достигне 40 проценти завршеност во текот на тригодишниот период на финансирање.













