Руските власти во вторник ѝ соопштија на Светската здравствена организација (СЗО) дека нема регистрирани случаи на чума во сибирскиот град Иркутск, откако лабораториски работник во институтот за истражување на чума таму почина минатата недела, изјави портпарол на здравствената агенција на ОН.
Москва, која според глобалните здравствени правила е обврзана да одговори на барањата на СЗО во рок од 24 часа, претходно ѝ соопшти на организацијата дека истражува дали пневмонична чума е причина за смртта на лаборантката.
„Немало случаи на оваа опасна болест во градот Иркутск во Руската Федерација“, соопштија руските власти во официјален одговор на барањето на СЗО, прочитано на прес-конференција во Женева од портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер.
Тие, исто така, ѝ соопштија на агенцијата на ОН дека идентификувале лица кои биле во контакт со починатата и дека резултатите од тестовите за опасни заразни патогени се негативни.
Руските здравствени власти во понеделник објавија дека лаборантката во Сибир не починала од чума.
Новинската агенција Интерфакс во понеделник објави дека работничката во Институт специјализиран за надзор на болести поврзани со чума починала од „пневмонија од непознато потекло“, според Роспотребнадзор, руската агенција за контрола на болести, објави ДПА.
Мострите земени од 28-годишната пациентка не откриле микроорганизми „поврзани со нејзините професионални активности“. Жената починала минатиот петок во окружна болница во градот Шелехово во близина на Иркутск во Сибир.
Роспотребнадзор соопшти дека истрагата покажала дека немало лабораториска несреќа во институтот во Иркутск. Претходно имаше непотврдени извештаи дека жена можеби се заразила со пневмонична чума откако случајно испуштила епрувета.
Здравствената и епидемиолошката состојба во регионот Иркутск, како и во градовите Иркутск и Шелехово, е стабилна, соопшти службата, додавајќи дека таму се спроведува „пакет мерки“.
Каналот „Бајкал Пипл Телеграм“ објави дека три општи болници, детска болница и породилиште во Иркутск биле ставени во карантин најмалку три недели. Според локалните извештаи, персоналот на институтот бил во карантин на своите работни места. Не се регистрирани нови инфекции, соопшти агенцијата.
Пневмонската чума е тешка форма на болеста предизвикана од бактеријата Јерсиниа пестис (Yersinia pestis). Може да се развие кога инфекцијата се шири на белите дробови. Инфекцијата може да се лекува со антибиотици ако третманот се започне рано.























