Од Амазон денес соопштија дека на почетокот на 2027 година во Обединетото Кралство ќе го лансираат својот онлајн пазар за возила, Амазон Аутос, што претставува прво проширување на оваа услуга надвор од САД.
При самото лансирање, Хјундаи ќе нуди нови и проверени половни автомобили, додека британскиот дилер Верту Моторс ќе понуди половни возила. Подоцна ќе се приклучат и други групи на дилери.
Купувачите ќе можат да разгледуваат возила, да ги видат цените однапред (без скриени трошоци), веднаш да добијат проценка на вредноста на нивните сегашни автомобили, да ги разгледаат опциите за финансирање и да резервираат возило онлајн. Самата купопродажба ќе ја завршат лично, во продажниот салон на дилерот.
Почетната понуда на Hyundai ќе вклучува електрични, хибридни и бензински модели, како што се IONIQ 5, KONA и i20. Компактниот, целосно електричен модел IONIQ 3 ќе се приклучи на платформата на почетокот на 2027 година.
Услугата Амазон Аутос беше лансирана во декември 2024 година во 48 града во САД, во соработка со Хјундаи. Денес таа е достапна во повеќе од 150 градови и соработува со илјадници дилери кои застапуваат 35 брендови.
Извршниот директор на Хјундаи, Хозе Муњоз, изјави дека 78% од продажбата на автомобилскиот производител во САД, која била под влијание на Амазон, доаѓа од купувачи за кои брендот бил нов.
Од Амазон наведоа дека 69% од купувачите на платформата во САД претходно никогаш не размислувале за купување од продажниот салон што на крајот го избрале.
Амазон не наведе конкретен датум за лансирање во Велика Британија, ниту пак ги откри финансиските услови од партнерствата со Хјундаи и Верту Моторс.















