Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на цената на топлинската енергија во просек за 7,56 отсто за домаќинствата што се снабдуваат од компаниите „ЕСМ снабдување“, „ЕСМ дистрибуција“, „ЕСМ производство на топлина“ и „ЕСМ енергетика“.
Според РКЕ, причина за поскапувањето е зголемената цена на природниот гас, под влијание на геополитичките случувања.
За корисниците приклучени на мрежата на поранешната топлана „Скопје Север“, односно на „Енерџи еколинк“, цената на топлинската енергија ќе се зголеми за 5,84 отсто.
Со новата одлука, просечната сметка за парно ќе биде повисока за 188 денари и ќе изнесува 2.681 денар.
Од РКЕ информираат дека одлуката е донесена откако компаниите што ги снабдуваат потрошувачите со топлинска енергија во Скопје доставиле вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревидирање на цената.
Претходната цена беше утврдена во јули, а во сила е од 1 август 2026 година.
Во Скопје речиси 70.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.














