| Macedonian
Од разговори на Дискорд до уцени: Како мрежи каква што е 764 врбуваат и манипулираат деца
Спасувањето на 14-годишно девојче во Карачи од лица поврзани со групата 764 го сврте вниманието кон растечката закана од онлајн манипулативно заведување на деца и сексуална уцена
Од разговори на Дискорд до уцени: Како мрежи каква што е 764 врбуваат и манипулираат деца
Овој проблем, исто така, покренува прашања за одговорноста на компаниите што управуваат со платформи за игри и комуникација / TRT World
 

Сè започнало со размена на фотографии. Потоа, почнале да вршат притисок врз детето да прави вознемирувачки работи.

14-годишно девојче во Карачи, Пакистан, било принудено да ја убие својата домашна мачка и било изложено на закани чија цел била да ја наведат на самоповредување. 

Лицата што ја зеле како цел биле поврзани со 764, сомнителна онлајн мрежа позната по искористување и тероризирање на млади луѓе преку социјалните мрежи и платформите за игри.

Пакистанските истражители од Националната агенција за истражување на сајбер-криминал (НЦЦИA) биле известени за случајот на злоставување од страна на странска агенција. Тие успеале да ја лоцираат ИП-адресата во куќа во Карачи и, во рамките на истрагата, заплениле електронски уреди.

За тинејџерката, која била цел на напади преку Инстаграм (Instagram) и Дискорд (Discord), она што се случувало зад екранот било сè, само не игра. А за родителите, колку и да се внимателни, предупредувачките знаци можеле лесно да останат незабележани.

Овој случај наликува на други примери од мрачната онлајн поткултура, каде што предатори манипулираат, искористуваат и принудуваат млади жртви да се самоповредуваат.

Данијал Алам Кан, новинар и ентузијаст за видеоигри од Пакистан, изјави за TРТ Ворлд дека мрежите како 764 ги бараат и врбуваат малолетниците на различни начини, при што почетна точка се онлајн заедниците.

Според него, Дискорд, Редит (Reddit) и Фејсбук (Facebook) се трите најчести места за вакви активности. „Сè што треба да направите е да побарате одредена игра и ќе се појават стотици, ако не и илјадници различни онлајн заедници, до кои може да се пристапи со само еден клик“, објаснува Кан.

Овие мрежи ги користат платформите за да изградат доверба преку внимание и ласкање, а потоа ја претвораат таа доверба во принуда, користејќи лични податоци што детето претходно ги споделило.

Во друг неодамнешен случај, германската полиција уапсила наводен онлајн садист, обвинет дека навел 14-годишно девојче од САД да изврши самоубиство со бесење, соопштија обвинителите. 

Осомничениот бил поврзан со онлајн група наречена Нефариос Маниак Култ или НМК (Nefarious Maniac Kult- NMK), која е дел од мрежата 764, соопшти јавното обвинителство во Хамбург.

Овој 18-годишен германски државјанин бил уапсен во Хамбург и обвинет дека е индиректен извршител на убиство и нанесување тешки телесни повреди.

Во периодот помеѓу септември и октомври, осомничениот, кој тогаш имал 17 години, наводно „вршел влијание“ врз девојка од американската сојузна држава Индијана преку социјалната мрежа Дискорд. Обвинителите ја опишале како „психолошки кревка“. Дискорд е забранет во Туркије.

Осомничениот наводно вршел притисок врз девојката да се сече и со сопствената крв да ги испише буквите „НМК“ на ѕид, а исто така барал од неа да му испраќа видеоснимки од овие дејствија.

Неколку дена подоцна, таа се обесила во својата спална соба, наведоа обвинителите.

Осомничениот наводно барал видеоснимка од нејзината смрт, надевајќи се дека така ќе стекне статус во групата или ќе си обезбеди влез во неа.

Како започнува сè

Во онлајн опкружувањето, еден непознат човек лесно може да стане пријател, соиграчот во видеоигрите може да стане некој кому му се доверувате, а разговорот што изгледа безопасно може да прерасне во нешто за што детето се плаши или се срами да зборува со своето семејство или пријатели.

Мрежи како 764, основана во 2021 година, го користат токму ова. Тие ги експлоатираат ранливостите што првично ги привлекуваат децата на интернет, потребата за пријателство, внимание и чувство на припадност, и ги претвораат во контролирани алатки.

Федералното биро за истраги (ФБИ), американската разузнавачка агенција за внатрешни работи, во јавно соопштение од 6 март минатата година, предупреди на нагло зголемување на активноста на 764.

Министерството за правда ја дефинира 764 како „нихилистичка, насилно-екстремистичка“ мрежа. 764 е една од многуте мрежи за сајбер-криминал кои функционираат онлајн, а се дел од поширока мрежа позната како Ком (The Com), која опфаќа насилни дејствија и сајбер-криминал.

За експертите кои се занимаваат со дигитални права, заштита на децата и однесувањето на интернет, проблемот не е само во тоа што децата поминуваат премногу време на интернет.

ПоврзаниTRT Balkan - МВР со предупредување до родителите: Заштитете ги децата од онлајн групата „764“

Па, како ваквите насилни мрежи ги идентификуваат и ги вовлекуваат децата во стапица? Како секојдневните интеракции стануваат инструменти за контрола? И, дали родителите и технолошките компании се подготвени да ја препознаат опасноста пред таа да ескалира?

Фондацијата за дигитални права (ДРФ), која управува со телефонска линија за помош на лица изложени на онлајн вознемирување и злоупотреба во Пакистан, наведува дека во последните години е забележана „загрижувачка ескалација“ на случаите на онлајн злоупотреба во кои се вклучени малолетници.

Менаџерката за комуникации на организацијата, Ајеша Бабар, изјави за ТРТ Ворлд дека нивната линија за помош забележала пораст од 51 отсто во случаите со деца во 2024 година, проследен со дополнителен пораст од 28 отсто во 2025 година, при што злоупотребите сè почесто вклучуваат организирано врбување и заведување, т.н. груминг (grooming) и уцена.

До 2026 година, бројот на случаи во кои се вклучени малолетници веќе го надминал вкупниот број забележан во претходната година, соопшти организацијата.

Бабар идентификуваше дека наглото зголемување доаѓа со ескалација на сериозноста и можната штета, каде што претходно повеќето случаи се вртеле околу малтретирање или навредлив јазик, а сега повеќето случаи вклучуваат злоупотреба на деца, сексуална експлоатација и уцена.

„Она што родителите често не го сфаќаат е дека игрите и поврзаните простори за разговор не се изолирани игралишта. Сторителите можат да користат навидум обични интеракции за да изградат доверба, а потоа да ги преместуваат децата низ платформи или во приватни и шифрирани канали, каде што може да се случи злоупотреба на деца, принуда и сексуална тортура“, истакна Бабар.

Таа нагласи дека фокусот, затоа, треба да се премине од едноставно следење колку време детето поминува играјќи, кон разбирање со кого комуницира, како се развиваат тие односи и дали разговорите се префрлаат во поприватни простори.

„Наместо едноставно следење, воспоставувањето односи базирани на доверба со децата станува сè поважно“, рече таа.

Мрежата 764 привлекува сè поголемо внимание од меѓународните органи за спроведување на законот и истражувачите поради нејзината употреба на онлајн злоупотреба на деца, сексуална тортура, понижување и закани за принудување на жртвите на сè поштетни дела.

Во предупредувањето на ФБИ од март 2025 година се вели дека 764 користи тактики, вклучувајќи сексуална експлоатација, принуда што вклучува самоповредување и закани со насилство. Истражувачите, исто така, документирале врски помеѓу 764 и поширок екосистем на онлајн групи во кои сторителите можат да добијат статус со понижување или повредување на други.

Не постои сигурен глобален број на деца жртви конкретно од 764. Мрежата не е единствена, јасно ограничена организација, туку дел од променлива колекција на поврзани групи, ограноци и поединци. Ова го отежнува разликувањето на потврдените случаи што ја вклучуваат 764 од оние поврзани со поврзани мрежи или други форми на онлајн експлоатација.

Од пријателство до принуда

Кан вели дека во онлајн заедниците може лесно да се влезе, особено кога се организирани околу популарни игри и интереси.

Дискорд, Редит и Фејсбук се домаќини на бројни заедници посветени на одредени игри, ликови и култури на игри. Иако многу од нив се легитимни простори за разговор и споделени интереси, нивната достапност може да создаде можности за луѓе со штетни намери да им пристапат на млади корисници.

„Бидејќи овие заедници се создадени од обични поединци кои сакаат да заработат пари, ним им е важно само да се зголеми бројот на членови, поради што пристапот до таквите заедници е прилично лесен“, изјави Кан за TРТ Ворлд.

ПоврзаниTRT World - Why are governments banning Roblox – and why can’t my son stop talking about it?

Тој додава дека, кога пристапот до големи заедници е лесен, а модерирањето е недоследно, лица со задни намери можат да најдат можности за стапување во контакт со деца.

Опасноста не е ограничена само на една игра или платформа. Кан го издвои Роблокс (Roblox) како особено загрижувачки пример, поради големиот број деца што ја користат платформата, како и поради зачестените поплаки за груминг и несоодветни контакти.

Тој исто така опиша еден вообичаен образец: некој се спријателува со дете додека играат, а потоа го убедува да преминат на друга платформа за комуникација, како што се Дискорд, Тим Спик (TeamSpeak) или Фејсбук.

Детето кое запознало некого во заедничко опкружување за игри, можеби нема да ги препознае ризиците од продолжување на разговорот на друго место. Односот, кој навидум се заснова на играта, постепено може да стане поинтимен-преку прашања за животот на детето, барања за фотографии или притисок разговорот да се чува во тајност.

Самите игри не се проблемот. Исто така, приклучувањето кон некоја онлајн заедница не значи автоматски дека детето е изложено на ризик, вели Кан.

Загрижува тоа што просторите создадени околу заеднички интереси можат да послужат како лесна почетна точка за воспоставување контакт, додека префрлањето од една на друга платформа го отежнува следењето на тој однос од страна на родителите или модераторите.

Кан смета дека родителите честопати ја потценуваат опасноста во која можат да прераснат ваквите односи.

„Мислам дека родителите најчесто не сфаќаат до каде можат да одат овие лица што манипулираат со деца“, вели тој. „Сè започнува како обично пријателство, но може да доведе до многу помрачни и позлокобни работи.“

Зошто децата можеби нема да проговорат

Манизех Бано, извршна директорка на Сахил-пакистанска организација која се занимава со заштита на децата- изјави за TРТ Ворлд дека сè почестата употреба на паметни телефони кај децата ја прави онлајн безбедноста сè поитен проблем. 

Таа исто така посочи дека многу родители не се доволно запознаени со алатките што им се на располагање, за блокирање несакани контакти, следење на онлајн активностите и препознавање на обиди за манипулативно заведување. 

„Мора да постои свесност за тоа како да препознаете дека ве подготвуваат за некаков вид сексуална уцена“, рече таа во гласовна порака до ТРТ Ворлд.

Бано, исто така, предупреди на поширокиот онлајн екосистем во кој можат да кружат злоупотребувачки материјали и принудно однесување.

„Многу е важно е да се запамети дека ’темната мрежа‘ (dark web) има широко распространети пипала и претставува многу профитабилен бизнис зад кој стои мафија“, рече таа.

Нејзиното спомнување на темната мрежа одразува загриженост во врска со скриените онлајн мрежи. Според неа, токму тоа се „вистинските опасности“ што треба да се разгледаат.

Дали платформите прават доволно?

Овој проблем, исто така, покренува прашања за одговорноста на компаниите што управуваат со платформи за игри и комуникација.

Новинарот Кан постави прашање дали платформите прават доволно за да спречат злоупотреби, особено во средини што масовно ги користат деца. Тој наведе дека Роблокс претходно преземал чекори за решавање на проблемите, но смета дека ситуацијата во последните години се влошила.

Неговата проценка одразува загриженост изразена од корисници и родители, а не независно утврдена мерка за ефикасноста на безбедносните системи на Роблокс.

ПоврзаниTRT Balkan - Кога упатствата не успеваат: Преиспитување на безбедноста на децата на интернет

Прашањата не се ограничуваат само на тоа дали некоја платформа има правила против груминг. Тие опфаќаат и како се спроведуваат тие правила, колку брзо се постапува по пријавите, дали лицата што повторно прават прекршоци можат да се вратат преку нови кориснички сметки, како и како компаниите постапуваат кога некој се обидува да ја префрли комуникацијата со децата на други сервиси.

Родителите треба да се запознаат со платформите и серверите што ги користат нивните деца и да ги проверат поставките за приватност.

Експертите препорачуваат пристап што комбинира родителска свесност, одговорност на платформите и интервенција од страна на надлежните органи.

Што можат да направат родителите

Совет од експертите е да не се забрануваат игрите целосно, туку родителите поактивно да се интересираат за односите што децата ги градат онлајн.

Родителите треба да знаат кои игри ги играат нивните деца, кои сервиси за допишување ги користат и дали тие припаѓаат на јавни или приватни заедници. Треба да разговараат за ризиците од прифаќање контакт со непознати лица, споделување интимни фотографии, откривање лични податоци или согласување за чување на онлајн односите во тајност.

Експертите советуваат да се одржува отворен разговор без осудување, да се зајакнат поставките за приватност и да се осигура дека децата знаат оти нема да останат без своите уреди само затоа што пријавиле вознемирувачки контакт.

Доколку детето пријави уцена или принуда, родителите треба смирено да го ислушаат, да го уверат дека не е виновно и да му помогнат да ја пријави корисничката сметка, како и да стапи во контакт со надлежните органи.

Доколку е безбедно да се направи тоа, треба да се зачуваат корисничките имиња, линковите до профилите, пораките и временските ознаки.

Ако детето се соочува со непосредна опасност од самоповредување или сериозна повреда, итната помош од локалните служби за итни случаи и соодветни професионалци треба да има приоритет.

Но можеби најважната заштитна мерка е да се осигура дека децата чувствуваат оти можат да проговорат кога онлајн врската почнува да им создава непријатност, без страв од вина или казна. 

Како што истакна Кан, опасноста може да биде тешко да се препознае токму затоа што често започнува со нешто што изгледа безопасно.

„Главната работа што мислам дека родителите погрешно ја разбираат е степенот до кој овие фрустрирани луѓе можат да ги поднесат работите. Започнува само со лежерно пријателство, но може да доведе до многу потемни и злокобни работи“, рече тој.

Извор: ТРТ Ворлд

Повеќе
Договрена соработка со Универзитетот Тракија и обука за македонските здравствени работници
Германските индустриски работници започнаа први целодневни предупредувачки штрајкови по осум години
Турскиот брод Оруч Реис пристигна во Пакистан за да започне сеизмички истражувања
Русија ги отфрла безбедносните гаранции за Украина по примерот на НАТО
Пораз на Ликуд на Нетанјаху: Избран нов претседател на Кнесетот од редовите на опозицијата
Во Полска се урнала руска крстосувачка ракета
Најмалку петмина загинати во масовен руски ракетен напад врз Украина
Апел од децата во Газа до светот за Светскиот ден на детето: „Не заборавајте нè“
Иран ги отфрли тврдењата на Трамп дека Техеран развива биолошко оружје
Политико: Трамп ја доведува во прашање европската воена помош за Украина
ЕУ ќе го повика претставникот на Русија по нападите на Киев и оштетувањето на амбасадите
Зеленски: Украина, САД и Европа разговараа за безбедносните гаранции за Киев
Калифорниската адвокатска комора го истражува адвокатскиот статус на поранешната портпаролка
„Спасете ги децата“: Секое четврто дете во светот живее на подрачје на судири
МВР со предупредување до родителите: Заштитете ги децата од онлајн групата „764“