| Macedonian
СПОРТ
4 МИН ЧИТАЊЕ
Реми на ракометарите со фаворитот Унгарија на стартот на Мундијалот
Македонските ракометари предводени од селекторот Кирил Лазаров одиграа фантастичен меч, но и испуштија голема победа откако во самиот финиш влеговме со водство од 27:26 и напад, но не успеавме, а Унгарија стигна до реми и еден бод
Реми на ракометарите со фаворитот Унгарија на стартот на Мундијалот
Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен во македонската репрезентација со постигнати десет гола / Photo: Reuters / Reuters

Ракометната репрезентација на Македонија одигра 27:27 против Унгарија на премиерата на Светското првенство. Фантастичен меч на нашите ракометари предводени од селекторот Кирил Лазаров, но и испуштена голема победа.

Имавме триумф во раце, водство од 27:26 и напад, но не успеавме, а Унгарија стигна до реми и еден бод.

Десниот бек Зоран Илиќ постигна четири гола на почетокот од мечот и Унгарија поведе со 5:2, но потоа дојдоа минутите на Македонија.

Марко Митев беше стрелец на првиот гол за нас, се разигра Филип Кузмановски, се разбрани Никола Митревски и Македонија влезе во фантастична серија, постигнавме осум, а примивме само еден гол, за водство од 10:6.

Но и Унгарците додадоа гас, се доближија на еден гол негатива. Марко Митев и Филип Кузмановски со нови два гола повторно нѐ одлепија на 13:10.

Во последните три минути од првиот дел, Македонија влезе со предност од 14:12, а Игор Ѓоргиев изнуди седмерец, кој не успеа да го реализира капитенот Кузмановски.

Унгарците израмнија на 14:14, но тоа не ги разочара македонските ракометари.

Во вториот дел, неверојатна битка, гол за гол, двете селекции едвај имаа по еден или два гола предност. Блескаа и голманите Митревски и Палашич.

Во последните три минути се влезе со егал 25:25, а Јагуриновски успеа да донесе водство за Македонија. Сепак, возвратија и Унгарците.

Капитенот Филип Кузмановски донесе нова предност, 27:26, а Никола Митревски ја спушти ролетната во најважниот момент.

Имавме напад за победа, но направивме грешка, а Унгарија во контранапад израмни и освои еден бод на стартот на Светското првенство.

Капитенот Филип Кузмановски блескаше, постигна десет гола, диригираше во нападот со својот тим, и жали што не успеавме да стигнеме до триумф.

„Требаше да победиме. Сега жалиме за триумфот, навистина ги имавме в раце Унгарците, но на крајот направивме грешка во нападот, а тоа Унгарија го искористи да израмни. Но, мора да бидеме горди на тоа што го одигравме на почетокот на Светското првенство. Сега треба да се одмориме добро и да размислуваме за следниот противник Холандија“, изјави Кузмановски.

Селекторот на Македонија Кирил Лазаров жали што Македонија пропушти шанса да ја победи Унгарија.

„Треба да бидеме задоволни, но факт е дека готово пропуштивме победа. Неискуството на нашите играчи се покажа, во последниот напад не знаеја да влезат во фаул, само си подаваа. На тајм-аутот им реков да влезат фаул, за жал наместо тоа, направивме техничка грешка и на крајот примивме гол. Сепак, горд сум на момците, горд сум на сите овие навивачи кои дојдоа тука да ни дадат поддршка. Сега треба да останеме мирни, сконцентрирани и да се бориме. Ако имаме ваква енергија, сплотеност, резултатот сам ќе дојде. Холандија е многу побрза селекција од Унгарија и очекувам уште потожак меч“, рече Лазаров веднаш по средбата со Унгарија.

Во првиот натпревар од групата Д, во која настапува нашата репрезентација, Холандија дојде до очекувана победа (40-23) против Гвинеја.

ИЗВОР:TRT Balkan
Повеќе
Петмина загинати во пад на турски воен хеликоптер за време на лет за обука
На државите им е дозволено да враќаат мигранти инструментализирани од други земји, пресуди ЕСЧП
ОН: Околу 47.000 жени и девојки убиени од интимни партнери или членови на семејството во 2025 година
Гаши од Загреб: Бараме гаранции дека повеќе нема да ни биде блокиран патот кон ЕУ
Првата пловечка соларна електрана во Туркије ќе започне со производство на струја во 2027 година
Грчката опозиција бара одговори од Владата за наводна воена обука со озлогласена израелска бригада
Иран: Четврти танкер за нафта удрил во морска мина и се запалил во Ормускиот Теснец
Шпанија го продолжува родителското отсуство и отсуството поради жалост пред изборите
Гаши на средба со Милановиќ: Хрватска е наш стратешки партнер и значаен сојузник во НАТО
Во Белгија отворен најголемиот капацитет за производство на сателити во Европа
Клековски: Пушачите трошат над 600 евра годишно за цигари, повеќе отколку за здравствено осигурување
„Санофи“ ќе го купи „Инсмед“ за 41 милијарда долари
Враќањето на Хуанг ги крена акциите на Нвидиа и му донесе до 15 милиони долари на Трамп
Пукање во училиште во Крагуевац, две лица се повредени
11 загинати во судир меѓу автобус и камион во Рас Ал Каима, Обединети Арапски Емирати