Поранешниот британски принц Ендру е приведен под сомнение за злоупотреба на јавната функција по неодамнешното откривање на досиејата на Епстин, објави денес Би-би-си, пренесува Анадолу.
Јавниот сервис соопшти дека полицијата го уапсила 66-годишниот Ендру Маунтбатен Виндзор од Норфолк во Англија.
Полицијата во соопштение одби да го идентификува обвинетиот „според националните упатства“, велејќи дека лицето останува во притвор „во овој момент“ и дека се вршат претреси на адреси во Беркшир и Норфолк.
„По темелна процена, сега отворивме истрага за ова тврдење за злоупотреба на јавна функција“, рече помошникот началник на полицијата Оливер Рајт.
Поранешниот принц негираше какво било кривично дело поврзано со сексуалниот престапник Џефри Епстин.
На 9 февруари полицијата соопшти дека ги проценува извештаите за наводна злоупотреба на јавната функција „во согласност со нашите утврдени процедури“.
Помладиот брат на кралот Чарлс беше трговски претставник на Велика Британија од 2001 до 2011 година. Тој се повлече од кралските должности во 2019 година откако се откри неговата поврзаност со Епстин.
Според неодамна објавените досиеја, на 7 октомври 2010 година Ендрју му пратил на Епстин детали за неговите претстојни официјални патувања како трговски претставник во Сингапур, Виетнам, Шенжен во Кина и Хонгконг.
На 30 ноември се чини дека тој ги проследил официјалните извештаи за тие патувања - пратени од неговиот тогашен специјален асистент - до Епстин, веднаш откако ги примил.








