Мотиватори: Креативна заедница
КУЛТУРА
3 мин читање
Мотиватори: Креативна заедницаЧетвртата епизода од серијалот „Мотиватори“ ни ја отвора вратата на „Комбо“, место каде што од рециклирани материјали, креативност и силен активистички дух расте нова заедница на млади луѓе
Мотиватори: Креативна заедница / TRT Balkan MK
6 декември 2025

Во време кога одржливоста и грижата за животната средина стануваат повеќе од тренд, туку се есенцијалност, се појавуваат луѓе и иницијативи кои докажуваат дека големите промени почнуваат од мали маалски приказни. Четвртата епизода од серијалот „Мотиватори“ ни ја отвора вратата на „Комбо“, место каде што од рециклирани материјали, креативност и силен активистички дух расте нова заедница на млади луѓе. Во разговорот со ТРТ Балкан, Анастасија- една од двете сестри (Анастасија и Ивана Павловски) кои го создадоа „Комбо“- ни го пренесе токму тој момент: дека креативноста, кога е искрена, може да биде двигател на општествена промена.

Како започна приказната?

„Комбо започна пред две години, кога јас и Ивана дипломиравме и си го поставивме прашањето: што сакаме да правиме понатаму во животот?“, раскажува Павловска. Едната- модна дизајнерка посветена на одржлива мода, другата- психолог; две поинакви професии кои се споиле околу една заедничка желба: да создадат нешто корисно за населбата во која пораснале.

Првичната идеја била бренд за облека изработена од рециклирани материјали. Но додека работеле на бизнис-планот, откриле дека можат да направат многу повеќе: „Сфативме дека имаме и други вештини- можеме да реновираме, да се занимаваме со столарство…“ Па така, се родила замислата за културен центар, простор што ќе го користат не само тие, туку и уметници, соседи и сите што бараат место за креативно изразување.

Одржливоста не била само концепт, туку темел: „Израснати сме во населба со многу загадување. Цел живот сме на протести за воздух, вода, почва… Ни е всадено дека мора да се грижиме за животната средина.“ Затоа и просторот на „Комбо“ е создаден речиси целосно од стари материјали, пронајдени, донирани или пренаменети.

Простор што создава и инспирира

Првите работилници започнале во локалната градинка, со децата и нивните родители, за рециклирање на стакло, хартија и дрво. Интересот бил огромен. „Сфативме дека не само децата, туку и родителите сакаат да учествуваат,“ вели Павловска. Тоа било првиот сигнал дека заедницата е подготвена за нешто поголемо.

Следеле работилници за везење, цртање на стакло и бројни други активности. „Мислам дека самиот простор буди инспирација… едноставно сакаш да креираш кога си тука.“, вели Павловска.

Во оваа епизода на Мотиватори, се обидовме да ја доловиме токму таа атмосфера- местото каде непознати стануваат соработници, а идеите спонтано се претвораат во проекти. „Не мора да имаш никаква вештина за да се вклопиш. Доволно е да сакаш да придонесеш,“ додава Павловска.

А резултатите се веќе видливи: само годинава успеавме да собереме над 200 килограми рециклирана облека.

Импакт што се мери во многу димензии

„Комбо“ не е само работилница или алтернативно студио. Тоа е екосистем со повеќеслоен импакт.

Еколошки- преку маалските бувјаци и постојаното промовирање на реупотребата.
Социјален- соседите повторно комуницираат, си помагаат, создаваат заеднички идеи.
Културен- се отвораат нови можности за уметниците на периферијата, далеку од центарот.
Општествен- се создава надеж, модел како заедница може да функционира подобро кога има простор што ги поврзува.

„Гледаме како се раѓаат нови пријателства, соработки… Тоа не мотивира. Даваме оптимизам, покажуваме дека можеш да размислуваш ‘надвор од кутијата’ и да ги користиш луѓето и материјалите околу тебе.“

Крај што е само нов почеток

„Комбо“ не е само просторија, туку жив организам што расте благодарение на идеите, енергијата и вербата дека заедништвото е поважно од хипериндивидуализмот.

„Кога ќе видам дека го градиме колективот, а не индивидуализмот, многу сме среќни и инспирирани да продолжиме понатаму,“ заклучува Павловска.

А токму таа енергија- тивка, упорна и искрено човечка- ја прави оваа приказна вредна за раскажување.


Повеќе
Туркије: НАТО неутрализирала балистичка ракета испукана од Иран во турскиот воздушен простор
Четири члена на екипажот загинале во уривањето на американскиот авион КЦ-135 во Ирак
Литванскиот МНР ги обвини сојузниците на НАТО за трошоците за одбрана
Сијарто: ЕУ по примерот на САД да ги укине санкциите за руска нафта
Пленковиќ: Ќе го предупредиме НАТО за новото оружје на Србија
Израелскиот министер за надворешни работи го обвини Милановиќ за антисемитизам
Вашингтон дозволи привремено купување руска нафта која е во транзит на море
Зеленски пристигна во Париз на разговори со Макрон
Мицкоски: Фокусирани сме на економскиот раст, реконструкција во мај-јуни
Иранската револуционерна гарда тврди дека ги нападнала американските бази во Јордан, Бахреин и Ирак
Вучиќ: Србија се подготвува за можен напад од страна на алијансата Хрватска-Албанија-Косово
Француски војник загина, неколку се ранети во напад со дрон врз воена база во северен Ирак
Американски воен авион се урна во западен Ирак
САД, Русија и Кина се судрија во Советот за безбедност на ОН околу нуклеарната програма на Иран
Ердоган: Туркије спроведува интензивна дипломатија за да ја спречи спиралата на насилство