| Macedonian
ТУРКИЈЕ
5 мин читање
Приказна за единственото турско село што не го сака пушењето
Во селото Тазлар во западна Туркије, генерации пораснале без да пушат
Приказна за единственото турско село што не го сака пушењето
Поминаа речиси сто години, а селото сè уште се гордее со својата репутација на место каде што речиси и да не можат да се видат пушачи

Без разлика дали сте во некоја раздвижена уличка во Истанбул или во близина на одморалиште на плажа во Анталија, веројатно ќе наидете на продавница Текел (Tekel). 

Овие продавници покрај патот, кои најчесто имаат сина фасада, се остатоци од Државниот монопол за тутун (Текел). Тоа е местото каде што одите за да купите цигари.

Текел бил формиран во средината на 1920. години, кога младата турска држава ја презела контролата врз профитабилниот бизнис со тутун од странските компании, кои го имале освоено пазарот во последните години на Отоманската империја.

Туркије веќе била производител на тутун. Дури и ликот на камилата, кој станал синоним за брендот Камле (Camel), има турски корени. РЈР (RJR), американскиот гигант што ги произведувал цигарите Камел, користел мешавина од турски тутун во своите производи. Така, некој од одделот за маркетинг на компанијата сметал дека е соодветно да се стави камила како лого- иако Туркије не е позната по овие цицачи со грби.

Тоа бил клучен момент за турската индустрија за цигари.

Но токму во тоа време во Тазлар, мало село во областа Синанпаша во западната турска провинција Афионкарахисар, се одвивала уште една револуција.

Предводени од селскиот старешина Ахмет Ага, селаните се заколнале дека нема да пушат и дале пример за идните генерации.

Таа одлука трајно го претворила селото Тазлар во засолниште без чад од цигари, речиси еден век пред да постои модерното законодавство за јавно здравје.

Поминале речиси сто години, а селото, со население од околу 2.000 луѓе, сè уште се гордее со својата репутација на место каде што речиси и да не можат да се видат пушачи.

Приказната за Тазлар е уште поактуелна денес, бидејќи турската влада силно се залага за ограничување на пушењето. Анкара размислува за закон што ќе воведе доживотна забрана за пушење за лицата родени по јануари 2015 година.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган е познат по своето силно противење на пушењето. Наводно, тој ѝ рекол на италијанската премиерка Џорџа Мелони да се откаже од пушењето, што таа и го сторила претходно оваа година.

Бројни истражувања покажуваат дека Турците се меѓу најголемите потрошувачи на цигари. Но тоа не е проблем во Тазлар.

Како започна сè?

Историјата главно го заборавила Ахмед-ага, а жителите на Тазлар се сеќаваат само на она што им го раскажале нивните родители. Но според приказната, Ага бил воден од желбата да го заштити и физичкото здравје и ограничените финансиски ресурси на својот народ. 

Во 1928 година, кога селаните положиле колективна заклетва против тутунот, Ага успеал да го искористи моментот кога само неколкумина селани пушеле и успешно ги убедил да се откажат.

„Израснавме без луѓе што пушат околу нас“, вели 66-годишниот Мехмет Ајдогмуш, кој е селски проповедник, а работи и како сметководител.

„Во одредена смисла, непушењето не беше одлука што ја донесовме подоцна во животот. Тоа стана директен дел од нашите животи и нашата култура.“

Таа разлика е клучна за разбирање на искуството на Тазлар.

Наместо да се потпираат само на поединечни одлуки, се чини дека селото развило колективна култура во која пушењето никогаш не станало нормална појава.

Ајдогмуш вели дека принципот не им бил претставен на децата како правило наметнато одозгора. Напротив, тоа било нешто што го усвојувале гледајќи ги своите родители, баби и дедовци и соседите.

„Кога бев дете, не бевме навикнати да гледаме некој како пуши во селото“, се сеќава Ајдогмуш.

Тазлар е село со куќи од црвена цигла, опкружено со полиња со жолти домати и шеќерна репка. Жителите овде следат утврдена рутина. Стануваат рано и си легнуваат по зајдисонце. Овде, сите се познаваат меѓусебно.

Противењето на селаните кон пушењето делумно се должи на грижата за здравјето, но Ајдогмуш вели дека традицијата не може да се објасни само преку здравствениот аспект.

„Нашите постари постојано ни зборуваа за штетата што пушењето му ја нанесува на човечкото здравје“, вели тој. „Но не застануваа само на тоа дека е штетно за здравјето.“ Тие разговараа и за влијанието на штетните навики врз семејствата, заедниците и личната волја.

„Тоа го научивме постепено“, вели тој. „Дури и кога бевме деца и не го разбиравме целосно значењето на тоа, од ставот на постарите знаевме дека ова е важно прашање за нас.“

Пристапот на селото ги спојуваше семејната одговорност, верските вредности и солидарноста во заедницата, вели Ајдогмуш.

Семејствата се грижеле за своите деца. Постарите ги советувале помладите генерации. Соседите се познавале меѓусебно. А однесувањето не се сфаќало само како лична работа, туку и како нешто што може да влијае врз поширокото семејство и заедницата.

Ако некое дете почне да развива навика што семејството ја смета за штетна, роднините и соседите не остануваат пасивни.

„Ако некој млад човек направи грешка, луѓето не велат: ‚Тоа нема никаква врска со мене‘“, вели Ајдогмуш. „Луѓето во селото се познаваат меѓусебно. Секој знае чие дете или чие внуче е некој.“

Но како да се зачува културата ако нема млади луѓе што ќе тргнат по вашите стапки?

Се распрснуваат како чад

Мурат Карасогут (29), кој пораснал во Тазлар, секогаш доживува културен шок кога патува во други делови од земјата.

„Кога ќе видиме некој како пуши надвор, понекогаш си велиме: ‚Кај нас во селото немаме такво нешто‘.“

Тој вели дека во Тазлар, непушењето станало очекувана норма. Не било потребно постојано да им се повторува на младите да го отфрлат пушењето, бидејќи цигарите веќе биле исклучени од секојдневната култура на селото.

„Непушењето е вообичаена практика во нашето село, па младите полесно ја прифаќаат“, вели тој.

Тој смета дека таа разлика останува значајна, иако младите сè почесто се среќаваат со цигари на други места.

Сепак, сè повеќе млади луѓе од Тазлар се селат во градовите, што предизвикува загриженост дека цврстиот отпор кон пушењето може со текот на времето да избледи.

Повеќе од две третини од младите од селото сега живеат во градови како Истанбул и Бурса, привлечени од подобри можности за образование и вработување.

И за Ајдогмуш и за Карасогут, иднината на традицијата на Тазлар на крајот зависи од тоа дали помладите генерации ќе одлучат да ја продолжат.

Карасогут смета дека младите имаат посебна одговорност.

„Не сакаме да останеме во минатото“, вели Ајдогмуш. „Но не сакаме ниту да го изгубиме нашето минато.“

Извор: ТРТ Ворлд

Повеќе
Турската Црвена полумесечина му помага на Палетинец да прооди откако Израел му ја одзел протезата
Мицкоски по средбата со фон дер Лајен: Да нема нови билатерални условувања на патот кон ЕУ
Општи избори во БиХ во недела, за прв пат се воведуваат нови изборни технологии
Штрајкот на кабинскиот персонал на изиЏет (еasyJet) прекина стотици летови во Португалија
Средношколските протести во Франција продолжуваат со засилен интензитет
Кремљ вели дека Русија одговара на нападите на Украина во Црното Море
САД распореди дополнителни системи „Патриот“ во Саудиска Арабија и Катар
Киргистан го лансираше својот прв сателит во орбитата
Арапската партија „Балад“ го повлекува својот лидер од претстојните општи избори во Израел
Урсула фон дер Лајен во Скопје на средби со македонскиот државен врв
Еден загинат во Киев, и повеќе повредени во ноќните напади меѓу Русија и Украина
Саудиска Арабија демантира за бомбаш-самоубиец во Големата џамија во Мека
Фон дер Лајен во Подгорица: Веруваме во Црна Гора како 28. членка на ЕУ до 2028 година
ОЈО побара нов притвор за газдата на Пулс откако го осомничи дека дал мито да добие лиценца
Туркије ги отфрли тврдењата дека била домаќин на состанок меѓу Сирија и Хезболах