Кан Касапоглу
Д-р Кан Касапоглу е виш соработник на Институтот Хадсон со седиште во Вашингтон. Тој предава на Колеџот за одбрана на НАТО како почесен постар соработник, чест резервирана за оние кои направиле исклучителна услуга на алијансата или колеџот, со две претходни места виш соработник
Како што сателитските комуникациски услуги стануваат сè поцентрални за модерното војување, војските се соочуваат со тежок балансирачки акт: намалување на нивната зависност од овие системи без жртвување на оперативните предности што ги обезбедуваат.
Замислете да одите по темен, опасен пат, вооружени со огнено оружје и тактичко фенерче. Непријателски сили и предатори се кријат околу вас. Одеднаш, вашето фенерче се гаси. Вашето оружје е сè уште во ваши раце, шаржерот е наполнет, а куршумот е во цевката. Но повеќе не можете да кажете од каде може да дојде следната закана. Вашата врска со паметниот телефон исто така се забави.
Токму ова е тешката ситуација со која се соочија украинските вооружени сили. Во октомври 2026 година, ограничувањата наметнати на услугите за сателитска комуникација обезбедени преку Старлинк и неговата воена варијанта, Старшилд, открија критична ранливост што ја делат речиси сите вооружени сили во современото војување.
Што се случи со Старлинк?
Сателитските мрежи во ниската орбита на Земјата (ЛEO), каква што е Старлинк, станаа неопходни стратешки овозможувачи на борбените операции.
Големите сателитски констелации што орбитираат релативно блиску до Земјата, обезбедуваат комуникации со ниска латенција и висок капацитет.
Копнените услуги на Старлинк, со латенција (временски интервал од испраќањето на сигналот до реакција) од приближно 25-60 милисекунди и брзини на пренос што достигнуваат 10-30 мегабити во секунда, според одредени планови за услуги, ја илустрираат оперативната вредност на оваа архитектура.
Брзиот пренос на податоци за разузнавање, надзор и извидување до командни и контролни јазли, борбени единици и средства за огнена поддршка го скратува времето помеѓу откривањето на целта и ангажирањето.
Онаму каде што копнените мрежи се уништени или потиснати од електронско војување, сателитската поврзаност им помага на дисперзираните сили да ја одржат својата способност да спроведуваат заеднички операции. Ова е приказната за високотехнолошкиот начин на војување на Киев досега.
Клучната техничка нијанса, особено за одбранбената индустрија, е тоа што ограничувањата наметнати на украинските сили не се однесуваа на пропусниот опсег на сателитскиот интернет.
Наместо тоа, ограничувањата што се припишуваат во известувањето за одлуките што ги вклучуваат СпејсX и американската администрација ја ограничуваа брзината со која воените платформи што носат терминали Старлинк или Старшилд можат да патуваат, а воедно да ја одржуваат поврзаноста.
На 23 октомври, пријавеното ограничување на брзината остана приближно 160 километри на час. Сепак, на 24 октомври, Министерството за одбрана на Украина потврди дека стабилните врски се обновени со брзина што надминува 400 километри на час.
Ограничувањата особено го нарушија она што Генералштабот на Украина го опишува како напади од среден дострел. Од летото 2026 година, украинските ударни беспилотни летала што имаат дострел од 50 до 210 километри го засилија притисокот врз руските линии за снабдување.

Некои од овие операции се потпираа на поврзаноста со Старшилд. Ограничувањата во октомври следствено на тоа нарушија одредени ударни мисии од среден дострел, особено оние што вклучуваат дронови со голема брзина.
Друга значајна последица вклучуваше пресретнувачки беспилотни летала дизајнирани да уништуваат руски беспилотни летала во лет, вклучувајќи системи како што е СТИНГ, развиени од Диви стршлени (Wild Hornets).
Ограничувањата за поврзување, исто така, влијаеја на новите итерации на брзи пресретнувачи распоредени против руски млазни беспилотни летала за напад.
Покрај тоа, важноста на Старлинк се протега далеку од бојното поле. Од 2022 година, мрежата поддржува не само украински воени комуникации, туку и владини институции, служби за итни случаи и цивилна употреба.
Затоа, нејзината стратешка вредност во воена Украина не може да се ограничи на операциите на фронтот или на можноста за погодување на области и објекти во руската позадина.
Воената отпорност и општествената издржливост сè повеќе зависат од истата комуникациска инфраструктура. Генерално, Старлинк значи украинска поврзаност.
Кој ги држи клучевите на Старлинк?
Приказната за пристигнувањето на Старлинк во Украина е речиси исто толку поучна како и самата технологија. Во првите денови од војната во Русија во 2022 година, тогашниот министер за дигитална трансформација на Украина, Михаило Федоров, јавно апелираше до Елон Маск на X да му обезбеди пристап до Старлинк. Многу видливата размена привлече меѓународно внимание. Всушност, страните започнаа преговори неколку недели пред јавниот апел.
До јануари 2023 година, во Украина работеа приближно 25.000 терминали на Старлинк. Она што започна како итен одговор постепено стана составен дел од воената архитектура на земјата во време на војна.
Помеѓу 2022 и 2025 година, Украина доби повеќе од 50.000 терминали на Старлинк преку официјални канали, при што Полска играше водечка улога.
Сепак, објаснувањата околу октомвриските ограничувања останаа нејасни. Конфузијата околу тоа кој ги одобрил ограничувањата е самата по себе откривачка илустрација за стратешката зависност во срцето на оваа дебата.
Во изјава од 24 октомври, Маск тврдеше дека Украина ги прекршила условите на својата комерцијална услуга Старлинк со тоа што ја користела за офанзивни воени цели.
Тој исто така тврдеше дека одлуките во врска со Старшилд се на владата на САД. Договорните аранжмани додаваат уште еден слој на сложеност. Старшилд работи преку механизми за воена соработка на САД, додека Полска финансира значителен дел од комерцијалниот пристап до Старлинк според договори.
Затоа, централното прашање повеќе не е едноставно дали воената помош ќе продолжи. Тоа е дали една нација може да се потпре на непрекинат пристап до услуга за која веќе платила, особено за време на политичка криза, вооружен конфликт или, во нашиот случај: масовна руска војна пред прагот на НАТО.
Сепак, за почит на Маск, ригорозните контроли на пристап претходно работеа во корист на Украина.
На почетокот на 2026 година, воведувањето на „белата листа“, со која поврзувањето се ограничувало исклучително со потврдени терминали компатибилни со украинскиот систем за управување со бојното поле „Делта“, ефикасно ги оневозможи врските на Старлинк што ги користат руските сили. Москва ги доби тие терминали преку комерцијални канали од трети страни и тајни мрежи за набавки.
Важнно е да се истакне друг детал. СпејсX и Маск не ја исклучија Украина од Старлинк целосно. Наместо тоа, ограничувањата беа насочени кон поврзаноста на платформи што патуваат над одредени брзини.
Основниот проблем е во непредвидливоста и непропорционалните оперативни ефекти од таквите мерки кога станува збор за воена употреба.
Навидум тесното техничко ограничување предизвика непосредни оперативни последици во Украина. Корпоративните одлуки, договорните одредби и техничките дефекти можат да генерираат слични прекини.
По инцидентите со Старлинк, ниту еден планер за одбрана во која било земја на НАТО не може да претпостави дека комерцијално управуваната инфраструктура надвор од националната контрола ќе остане достапна под сите околности.

Но оваа лекција, исто така, претставува стратешка дилема. Бидејќи сателитските комуникации на ЛEO стануваат подлабоко вкоренети во современите сили, војските мора да ја намалат својата изложеност на надворешни технолошки зависности без да се откажат од значителните оперативни предности што овие револуционерни технологии великодушно ги нудат.
Сега токму таа равенка, веќе на тенок мраз, ќе стане сè потешко да се одржи во наредните години.
Дали технолошките компании се приватните воени сили на иднината?
Во поголемиот дел од војната меѓу Русија и Украина, дискусиите за улогата на приватниот сектор во војувањето се вртеа околу руската група Вагнер - нејзиниот подем, операциите на бојното поле и евентуалниот колапс по неуспешниот бунт.
Сепак, најпоследичната експанзија на влијанието на приватниот сектор во современите конфликти може да се одвива на друго место.
Во текот на војната, десетици технолошки компании директно ги поддржаа цивилните, хуманитарните и воените потреби на Украина. СпејсX обезбеди сателитски комуникации. Maксар (Maxar), Планет Лабс (Planet Labs) и БлекСкај (BlackSky) обезбедија разузнавачки, надзорни и извидувачки можности.
ПримерАИ (PrimerAI) и Рекордед Фјучр (Recorded Future) испорачаа аналитички услуги овозможени од вештачка интелигенција. Палантир (Palantir) помогна во интегрирањето на аналитиката на податоци во голем обем во донесувањето воени одлуки.
Украина, исто така, ја покрена Брејв1-Датароом (Brave-1 Dataroom), иницијатива поддржана од Палантир, дизајнирана за обработка на големи податоци од воено ниво и обука на модели на вештачка интелигенција.
Овие случувања поставуваат фундаментално стратешко прашање: што се случува кога приватните технолошки компании ќе стекнат можност да донесуваат одлуки што можат да го обликуваат текот на конфликтите меѓу нациите?
Како раководителите го гледаат светот кога контролираат капацитети што претседателите и генералите не можат лесно да ги заменат?
И, што е поважно, како би можеле да се обидат да го обликуваат тој свет?
Едно е јасно: непосредната лекција од епизодата со Старлинк е важноста на осигурениот пристап до капацитетите базирани на вселената. Втората е потребата од диверзификација на добавувачите на долг рок. Но, диверзификацијата е полесна за пропишување отколку за постигнување.

Во јануари 2026 година, финската сателитска компанија ИЦЕЈЕ (ICEYE) објави договор со кој се проширува пристапот на Украина до радарски сателитски снимки.
Способностите на радарот со синтетички отвор обезбедуваат вредна извидувачка поддршка дури и под неповолни временски услови. Сепак, тие не се директна замена за ЛEO сателитските комуникации.
По најновата криза, Министерството за одбрана на Украина потпиша писмо за намери со ИЦЕЈE и Нокиа за развој на независна инфраструктура за сателитски комуникации.
Оваа иницијатива претставува потенцијално важен чекор кон поголема технолошка автономија. Нејзините ограничувања се подеднакво јасни.
Старлинк располага со огромна констелација составена од илјадници сателити, широка глобална покриеност и значителен вкупен комуникациски капацитет. Со оглед на тоа што лансирањето на првите сателити од предложениот систем на ИЦЕЈЕ и Нокиа е планирано за 2028 година, оваа иницијатива, реално гледано, не може да го замени Старлинк во блиска иднина.
Сè на сè, војната меѓу Русија и Украина достигна точка во која воената моќ веќе не може соодветно да се разбере само преку модели фокусирани исклучиво на државата.
Компаниите што ги произведуваат батериските ламби може, на крајот, да добијат право на одлучување за тоа по кои патишта ќе се движат војските ноќе. А некои можеби токму тоа и го посакуваат- таква моќ.
Извор: АА
Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан













