Департментот за правда на САД преку обвинителството покрена обвинение против Џејмс Коми, поранешниот директор на ФБИ кој беше разрешен во првиот мандат на претседателот Доналд Трамп.
Трамп со години го критикуваше Коми за нечесни политички игри, особено во кампањата во 2016 година кога се водеше истрага против републиканскиот кандидат за наводна поврзаност со државни елементи од Русија. Подоцна истрагата предводена од специјалниот обвинител Роберт Мулер не утврди никаква поврзаност, што Трамп ја нарече „големата измама на Хилари Клинтон и демократите“.
Обвинението се однесува на попречување на правдата и давање лажен исказ во Сенатот на САД од страна на Џејмс Коми, кој во 2017 година беше отпуштен од претседателот Трамп.
Коми тврди дека е невин и дека со години тој и неговото семејство трпат притисоци затоа што како директор на ФБИ му се спротиставил на претседателот кој вршеше притсок да се покрене контра-истрага за неговите политички противници и злоупотребите на Хилари Клинтон како Државен секретар.
Потегот на Министерството за правда на САД доаѓа само неколку дена откако претседателот Трамп издаде јавно барање Департментот за правда да дејствува „сега“ за да покрене обвиненија против Коми и други политички непријатели на претседателот.
„Никој не е над законот“, изјави главната обвинителка Памела Бонди. „Обвинението ја одразува посветеноста за одговорност на оние кои ги злоупотребуваат позициите на моќ и го ставаат во заблуда американскиот народ. Ќе ги следиме фактите во овој случај.“
Обвинението против Коми доаѓа откако Трамп го разреши јавниот обвинител за Источниот округ на Вирџинија, Ерик Зајберт, кој според извори од медиумите изразил негодување за покренување обвиненија против Коми, како и против главната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс, откако Трамп го назначи Зајберт да ја води канцеларијата.
По смената на Зајберт, претседателот веднаш ја назначи Линдзи Халиган да ја води функцијата. Халиган, советничка во Белата куќа и поранешна адвокатка на Трамп, беше назначена на позицијата и покрај тоа што немаше претходно искуство како обвинител.
Претседателот го поздрави обвинението против Коми.
„ПРАВДА ВО АМЕРИКА! Едно од најлошите човечки суштества на кои оваа земја некогаш била изложена е Џејмс Коми, поранешниот корумпиран шеф на ФБИ“, објави Трамп.
„Денес тој беше обвинет од Големата порота по две точки од обвинението за кривични дела за разни нелегални и незаконски дела. Тој беше толку лош за нашата земја, толку долго, и сега доаѓа почетокот за неговата одговорност за злосторствата против нашата нација“, напиша претседателот Трамп.
„Денес, вашето ФБИ направи уште еден чекор во своето ветување за целосна одговорност“, изјави директорот на ФБИ, Кеш Пател. „Премногу долго, претходните корумпирани раководства и нивните овозможувачи го користеа федералното спроведување на законот како оружје, оштетувајќи ги некогаш гордите институции и сериозно еродирајќи ја јавната доверба“.
„Секој ден продолжуваме да се бориме да ја вратиме таа доверба, а под мое водство, ова ФБИ ќе се соочи со проблемот директно“, продолжи Пател. „Никаде оваа политизација на спроведувањето на законот не беше поочигледна отколку за време на измамата со „Русијагејт“, срамно поглавје во историјата што продолжуваме да го истражуваме и разоткриваме.“
„Сите, особено оние на позиции на моќ, ќе бидат повикани на одговорност - без разлика на нивната позиција. Никој не е над законот.“
Актуелните обвиненија против Коми се најдраматичните досега во она што критичарите го опишаа како кампања на одмазда од страна на Трамп за користење на овластувањата на федералната влада за пресметка со своите политички непријатели.