Сребреница: Збогување со 30 жртви на геноцидот кои ќе бидат погребани утре

Утре на гробиштата на Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на 30 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година врз жителите на „заштитената зона на ОН“ во Сребреница.

By Адмир Фазлагиќ
Сребреница: Збогување со 30 жртви на геноцидот кои ќе бидат погребани утре / Photo: AA / AA

Тишината што ја исполнува салата на поранешната фабрика за акумулатори во Поточари ја прекинуваат повремените липања на членовите на семејствата на жртвите чии зелени ковчези со нивните останки беа положени во неделата во ова место.

Со семејствата се и пријателите и соседите што по 28 години дошле да се простат од своите најблиски. Меѓу нив се и оние што ги погребаа своите најблиски во претходните години. Тие ги посетуваат и гробовите на гробиштата на Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари, учат молитва и молчејќи седат под ретката крошна.

Тука се и децата што не ги запомниле своите дедовци, чичковци, тетки...

Утре на гробиштата на Меморијалниот центар во Поточари ќе бидат погребани посмртните останки на 30 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година врз жителите на „заштитената зона на ОН“ во Сребреница.

Меѓу 30 лица што годинава ќе бидат погребани на колективниот погреб на 11 јули, има и четири малолетници. Најмладата жртва што ќе биде погребана годинава е Елвир Салчиновиќ, момче што имало 15 години кога било убиено. Било егзекутирано во областа Баљковица, а неговите останки биле ексхумирани од масовната гробница Липље кај Зворник во 2001 година.

Идентификуван е во 2011 година. Последниот мир ќе го најде со татко му Турабија и брат му Алмир, кои беа погребани во Поточари во 2003 и 2011 година.

Најстарата жртва што ќе биде погребана е Незир Муминовиќ, кој имал 65 години кога бил убиен. Неговите останки беа ексхумирани во 2007 година на подрачјето на Каменица.

На гробиштата на Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари погребани се 6.721 жртва на геноцидот извршен од тогашната војска на Република Српска под команда на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ врз Бошњаците во 1995 година во Сребреница. Сѐ уште се трага по околу 1.000 жртви на геноцидот.