| Macedonian
СВЕТ
7 МИН ЧИТАЊЕ
Најголемото складиште за дрога на соборениот режим на Асад во Сирија
Според проценките на Владата на Велика Британија, Асад бил одговорен за 80 отсто од глобалното производство на дрогата каптагон...
Најголемото складиште за дрога на соборениот режим на Асад во Сирија
Најголемото складиште за дрога на соборениот режим на Асад во Сирија / Photo: AA / AA

Анадолу стигна и го документираше она што се смета за најголемо складиште за дрога на соборениот режим на Башар ал-Асад во Сирија, фотографирајќи и снимајќи ги контејнерите полни со дрога и местата каде што тие се скриени.

Покрај автопатот Сирија-Либан, има штаб на 4-тата Дивизија на Армијата на режимот, со која командуваше братот на Башар ал-Асад, Махир ал-Асад.

По падот на режимот на Асад на 8 декември, беше откриено дека оваа локација, наместо како воена база, се користела како складиште за дрога што се подготвувала за транспорт во регионот.

Според проценките на Владата на Велика Британија, Асад бил одговорен за 80 отсто од глобалното производство на дрогата каптагон.

Годишната трговија со каптагон во светот се проценува на 10 милијарди долари, а се смета дека собореното семејство Асад заработувало скоро 2,4 милијарди долари годишно од оваа трговија.

Користењето на воената база како капацитет за производство и складирање на дрогата е еден од најјасните примери за тоа како режимот се трансформирал во „наркодржава“, управувајќи со трговијата со дрога преку државниот апарат.

На влезот во депото, кое некогаш служело како штаб, има слики од Башар и Махир ал-Асад.

На ѕидовите на базата се испишани пароли како „Нашата крв, нашите животи се посветени на тебе, Башар“ и „Сите ние сме Асад“.

- Лекови на база на опиоиди во кутии за ф'стаци, каптагон апчиња во ѓонови на чевли -

Околу складиштето за дрога што се користело како воена база, имаше многу цивилни возила со цивилни регистарски таблички.

Сиријците кажуваат дека овие возила им припаѓаат на киднапирани цивили и се користеле за трговија со дрога.

Во еден од контејнерите, стотици кутии кои содржат лекови на база на опиоиди со високо ниво на зависност, за кои е потребен рецепт, се чуваат во кутии за ф'стаци.

Во друг хангар во рамките на воената база пронајдени се огромен број кутии за чевли.

Соопштено е дека во ѓонот на чевлите биле ставени кесички полни со каптагон за транспорт.

Слично, душеци наредени во просторот, исто така биле користени за транспорт на дрога.

- Различни видови дрога скриени во разни производи -

Понатаму во воената база се откриени различни производи кои се користат за шверц на дрога.

Мермерните блокови со издлабени центри, керамички плочки, преносливи скалила и врати од автомобили се користеле за криење на дрогата.

Во еден од контејнерите овде се пронајдени суровини што се користат за производство на дрога.

Пред контејнерот сè уште стои амблем на шиитската милиција од Ирак.

Во третото складиште во воената база, пронајдена е дрога како канабис и каптагон спакувана на полици.

Мирисот на дрога станува интензивно забележлив кога се влегува во магацинот.

Предмети како штици за сурфање од пена, врати со издлабени делови, дрвени блокови од иверица и индустриски уреди за вентилација, кои вообичаено не би се наоѓале во воена база, биле користени за прикривање на дрогата за време на транспортот.

Исто така, во базата се пронајдени различни хемиски суровини што се користат за производство на дрога.

- 4-тата Дивизија стана дивизија за дрога -

„Ова е едно од депоата на 4-тата Дивизија. Таблетите и канабисот спакувани овде се извезувани во соседните земји“, изјави за Анадолу Исмаил Зејтун, стражар кој работи за привремената влада на Министерството за одбрана на Сирија.

Зејтун истакна дека во депото имало суровини, каптагон и канабис.

„Во штабот на 4-тата Дивизија, покрај депоата, има и производствени капацитети. Ова депо е центар за пакување. Дрогата се шверцувала во соседните земји со користење на многу производи како дрво, чевли, мермерен камен и електрични производи“, рече тој.

„Кога стигнавме, знаевме дека областа е воена точка, но видовме и дека е средиште за дрога. Во 4-тата Дивизија под команда на Махир ал-Асад се произведувале повеќе видови дрога и се испраќале во соседните земји преку многу канали. Четвртата дивизија стана дивизија за дрога“, додаде тој.

Зејтун покажа на кутиите за марамчиња означени со „4-та Дивизија“ и старото сириско знаме со две ѕвезди, кои беа ставени на предниот дел на големите транспортни камиони, што им овозможувало слободно да минуваат низ контролните пунктови во Сирија и да стигнат до пограничните подрачја.

Зејтун, исто така, раскажа дека режимот се обидувал да ги покрие трошоците за носењето странски вооружени групи во Сирија со производството на дрога.

- Режимот заработи милијарди долари од трговијата со дрога -

Паднатиот режим заработи милијарди долари од шверцот со дрога, еден од неговите главни извори на приход.

Мрежата за производство и шверц на дрога, предводена од Махир ал-Асад, братот на Башар ал-Асад, била одговорна за транспорт на дрогата произведена во Сирија, првенствено преку Либан, до земјите од регионот и светот.

Според извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC), главните појдовни точки за пратките на дрога биле Сирија и Либан.

Овие пратки биле или директно транспортирани до арапските земји од Персискиот Залив преку копнени или поморски патишта, или индиректно преку други региони.

Исто така, во меѓународните медиуми се шпекулира дека неодамнешните чекори преземени од арапските земји за нормализирање на односите со режимот на Асад биле насочени кон спречување на влијанието на трговијата со дрога врз нивните земји и дека тие биле во разговори со Башар ал-Асад за решавање на ова прашање.

Постои загриженост дека високи лица од паднатиот режим, кои побегнале од Сирија во соседните земји, може да формираат слична наркомрежа.

На 13 декември 2024 година, Анадолу сними снимка од работилница за пакување дрога лоцирана во подрумот на фабрика во дистриктот Дума во Дамаск.

Освен тоа, на 15 декември 2024 година, Анадолу сними објект за производство на дрога лоциран во вила на Махир ал-Асад во градот Димес, западно од Дамаск.

ИЗВОР:AA
Повеќе
Пукање во училиште во Крагуевац, две лица се повредени
11 загинати во судир меѓу автобус и камион во Рас Ал Каима, Обединети Арапски Емирати
Јапонија ја потврди поддршката за Меѓународниот кривичен суд
Тани: Регионот не може да си дозволи нова ескалација на војната Иран-САД
Шефот на ОН ја одбележа 10-годишнината од мировниот договор во Колумбија
Ши се спротивстави на одземањето земјиште од Палестинците
Тројца Палестинци загинаа во израелски напад со дрон во Газа
Ердоган ја потврди посветеноста кон „Туркије без тероризам“ и независна одбранбена индустрија
Силјановска Давкова: Нема доволно гаранции дека исполнувањето на условите ќе овозможи напредок
Песков: Украина ќе добие „болен“ одговор на нападите врз руските бродови во Либија и Балтичкото Море
Анкета: Марин Ле Пен со убедлива предност во трката за претседател на Франција во 2027 година
Ајзенкот: Нема непосредна закана од Иран што бара дејствување пред формирање на владата
Невреме предизвика проблеми во Албанија, неколку авиони пренасочени кон алтернативни аеродроми
Поморскиот одбранбен систем Ѓокдениз на АСЕЛСАН погоди цели за време на тестирање во Црното Море
Од полноќ ново намалување на цената на горивата