Шефот на либанската милитантна група Хезболах, Наим Касем денеска изјави дека групата нема да прифати никакво оправдување за продолжување на рокот за повлекување на израелските војници од јужен Либан.
Касем во снименото телевизиско обраќање рече дека Израел мора да се повлече од јужен Либан бидејќи рокот од 60 дена за тоа истече во неделата.
Тој нагласи дека Хезболах не прифаќа тој рок да се продолжи дури и за еден ден, пренесе Ројтерс.
„Обединетите нации, САД, Франција и Израел ќе бидат одговорни за сите последици од одложувањето на повлекувањето“, рече Касем.
Израел во петокот објави дека неговото воено повлекување ќе трае подолгo од рокот од 60 дена, како што е предвидено во договорот за прекин на огнот со Хезболах, но како причина наведе дека либанската држава не го спроведе целосно договорот.
САД во неделата објавија дека договорот меѓу Либан и Израел би требало да остане на сила до 18 февруари.
Касем истакна дека Хезболах добил информации дека Вашингтон првично им предложил на либанските власти да го продолжат договорот до 28 февруари, но тие одбиле.
Либанскиот привремен премиер Наџиб Микати за време на состанокот со американската амбасадорка во Либан, Лиза Џонсон, рече дека земјата го прифатила продолжувањето на договорот за прекин на огнот со Израел до 18 февруари.
Микати рече дека е потребен притисок за да се осигура дека Израел целосно ќе се повлече од јужен Либан, соопшти денеска неговиот кабинет.
Израелската армија вчера и денеска уби најмалку 24 лица и рани повеќе од 140 во јужен Либан додека се обидувале да се вратат во своите домови, соопшти либанското Министерство за здравство.














