Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска е осомничена дека му оддавала службени тајни на обвинет во случајот „Адитив“, во кој поранешни директори на ЕСМ и РЕК Битола и РЕК Осломеј, како и неколку бизнисмени се осомничени за криминал со набавка на адитиви.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска информираше дека издало наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, меѓу кои и Димитровска, во рамките на постапката што се води за предметот „Адитив“, како резултат на екстрахираните електронски докази обезбедени во досегашната постапка.
Според Обвинителството, Димитровска со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности.
„Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци, кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Вибер и ВатсАп му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, рекоа од обвинителството.
Од обвинителството информираат дека првоосомничениот од тројцата под истрага, како вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, на управителките на обвинетите правни лица им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело, со што им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договори за јавни набавки.
„Во периодот од месец декември 2023 до ноември 2024 година од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања од значителен износ, средства кои правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство. Овие средства со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптег и ги подигнувал во готово“ велат од ОЈОГОКК.
Второосомничената, пак, во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот Адитив, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.
Имено, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата која се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација на ВатсАп на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето.
„На првоосомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело Злосторничко здружување, како помагач сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Останатите две осомничени сториле кривично дело Одавање службена тајна“, велат од обвинителството.
Извор: ТРТ Балкан

















