Корупцискиот скандал со апсењето на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Илија Стоилев, и уште три лица осомничени во случајот за поткуп поврзан со програмата ИПАРД деновиве ја заокупира политичката сцена во земјава.
Тој се сомничи дека бил затекнат како прима поткуп во износ од какошто дознаваме 5 илјади евра со цел да забрза процес на исплата на европски пари кои ги распределува агенцијата.
Но практиката покажува дека земјоделските субвенции во ЕУ се сериозно нагризени од корупција и криминал- не само преку ИПАРД програмите наменети за земјите во процес на пристапување кон ЕУ, туку и преку неколку фондови за субвенционирање и во земјите членки на Унијата.
Според достапните податоци на Канцеларијата на европскто јавно обвинителство (ЕПП0), европските обвинители во соработка со националните обвинителства на неколку држави процесуирале околу 20 случаи на злоупотреба на земјоделски субвенции и криминал тежок десетици милиони евра, откриени само во 2005 година.
Грција ја тресат мега скандали
Врвот на скандалозното управување со аграрните субвенциите од ЕУ е во Грција, каде годинава во два наврати беа откриени големи афери од милионски размери.
Огромната мрежа на земјоделски субвенции што некогаш го сочинуваа 'рбетот на руралната економија на Грција, сега е загрозена од небрежност, лошо управување и корупција.
Канцеларијата на ЕППО во Атина информираше на 23 октомври дека е идентификувана организирана криминална група, наводно вклучена во систематска шема за измама со субвенции од голем обем и активности за перење пари. Беа уапсени 37 осомничени лица, а низ целата земја беа спроведени претреси.
Според првичната истрага, 324 лица биле идентификувани како приматели на субвенции од 2018 година, предизвикувајќи проценета штета од повеќе од 19,6 милиони евра на буџетот на ЕУ.
Од нив, се верува дека 42 се вклучени во овој случај и се сметаат за сегашни членови на организираната криминална група. Повеќето од нив се чини дека немаат никаква вистинска врска со земјоделството, што сугерира дека нивното учество служело единствено за олеснување на измамата.
Тие наводно ги искористиле процедуралните празнини во поднесувањето на Еднократните барања за помош во рамките на Заедничката земјоделска политикана ЕУ, користејќи фалсификувани или лажни документи за да побараат земјоделски субвенции од Грчката агенција за плаќање и контрола за насочување и гаранција на помошта на заедницата (OПEKEПE).
Членовите на организираната криминална група се осомничени и за лажно пријавување на земјоделско земјиште и пасишта што не им припаѓале или не ги исполнувале критериумите за подобност.
Во март годинава ЕППО поднесе обвиненија во Првостепениот суд во Атина против вкупно 100 осомничени за измама со земјоделски фондови, за вкупна штета од 2,9 милиони евра за буџетот на ЕУ.
Станува збор за три обвиненија поднесени во претходните месеци, по истрагите за шеми за измама на ЕУ со субвенции за користење на пасишта.
Помеѓу 2017 и 2020 година, сточарите, главно од Крит, успешно аплицирале за земјоделските фондови на ЕУ наменети за помош на секторот, исплатени од OПEKEПE, надлежна за исплаќање на шемите за помош на Заедничката земјоделска политика (ЦAП), кој е одговорен за управување со средствата од Европскиот земјоделски гарантен фонд (EAГФ) и Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAФРД).
Според истрагата, осомничените поднеле лажни изјави за сопственост или фалсификувани договори за закуп на парцели кои всушност не ги поседувале или не ги изнајмиле. Мнозинството од осомничените живееле во различни делови од земјата од она што го пријавиле во своите пријави.
Над 30 милиони евра проневерени во Италија
И во Италија се регистрирани неколку поголеми случаи на криминал со субвенциите за развој на земјоделството.
На 7 октомври годинава на барање на Канцеларијата на EППО во Венеција, замрзнати се 17,2 милиони евра во истрагата за 48 земјоделци осомничени за злосторничко здружување за измама на земјоделските фондови на ЕУ. Се верува дека тие поставиле сложена шема за измама за да добијат над 20 милиони евра субвенции помеѓу 2017 и 2022 година.
Истрагата откри измамнички систем за добивање субвенции од EAГФ, со заобиколување на ограничувањата наметнати од Заедничката земјоделска политика (CAP), која го постави максималниот годишен лимит за секој апликант на 500.000 евра. За да го постигнат ова, тие ги распределија средствата на земјоделската компанија со седиште во покраината Падова помеѓу 12 фиктивни компании, лоцирани во регионите Абруцо, Венето, Лацио, Марке и Умбрија.
Италијанската финансиска полиција на барање на Канцеларијата на ЕППО во Неапол во мај уапси 12 лица и заплени пари и имот во вредност од над 9,6 милиони евра. Истрагата е насочена кон 67 лица и 27 компании осомничени за измамничко добивање земјоделски средства од ЕУ.
Според истрагата, помеѓу 2018 и 2022 година, криминалното здружение незаконски обезбедило над 12,5 милиони евра со лажно претставување на една од своите компании, со седиште во Салерно, како таканаречена Организација на производители (ПО), што е призната група земјоделци, кои имаат право да добиваат средства од ЕУ што поддржуваат колективни инвестиции во корист на нивните членови.
ЕППО во Загреб во јуни поднесе обвинение против девет лица и една компанија за измама со субвенции и фалсификување документи, поврзани со земјоделски фондови на ЕУ за подобрување на благосостојбата на животните во свињарството.
Компанијата од 2018 до 2023 година поднеле повеќекратни барања за финансирање во вкупен износ од над 9 милиони евра, а добила 5,4 милиони евра субвенции од ЕУ, од кои 4,7 милиони евра биле примени преку измами.
Обвинетите ја признале вината и минатиот месец биле осудени на затворски казни заменети со општокорисна работа и парични казни.
Во Хрватска годинава се поднесени уште три други слични обвиненија обвиненија за криминал со субвенции тежок над 2 милиони евра, а меѓу обвинетите има и поранешен службеник во Агенцијата за исплати во земјоделството, рибарството и руралниот развој.
Во Романија обвинети петмина службеници и градоначалник
ЕППО е особено активна во Романија каде годинава се поднесени шест обвиненија за злоупотреби на субвенциите поврзани со системите за наводнување, за пасишта и пчеларство.
Станува збор за измами тешки околу осум милиони евра, а меѓу обвинетите се четворица службеници во романската Агенција за плаќања и интервенции во земјоделството, еден функционер во Агенцијата за финансирање на рурални инвестиции, како и еден градоначалник.
Канцеларијата на европскто јавно обвинителство годинава поднесе две обвиненија за измами со земјоделски субвенции во Словачка, по една во Малта и Литванија.
Во Шпанија, пак, компанија и двајца нејзини правни застапници беа осудени на една година затвор и парична казна од 3 милиони евра за измама со субвенции од 3,8 милиони евра. Судот, исто така, ја казни компанијата со 3 милиони евра и изрече тригодишна забрана за примање јавни субвенции или јавни средства.
Извор: ТРТ Балкан



















