На Скопското Кале привршуваат работите на два објекта за Музеј на праисторијата и Музеј на османлискиот период, кои по адаптирањето се очекува да бидат ставени во функција наредната година. Во музеите ќе бидат изложени предмети најдени при од капиталните археолошки истражувања на Калето реализирани од 2007 до 2016 година, откако тие ќе бидат концептуализирани по современи музеолошки принципи – интерактивност, наративност и мултимедијален пристап.
Со одлука на Владата, целокупниот материјал од капиталните археолошки истражувања на Калето (2007-2016), под раководство на археологот проф. Драги Митревски, му беше даден на користење на Археолошкиот музеј како матична музејска установа за движно археолошко културно наследство. Од вторник негови тимови ќе го почнат ентериерното уредување на двата музејски објекта.
Комисија составена од вработени кустоси во тој музеј, кустоси од Музејот на град Скопје и вработени во УЗКН работеа на ревизија на материјалот за да се постапи според одлуката на Владата и да се направи селекција на предмети кои ќе се изложат во музеите.
Калето денеска го посети премиерот Христијан Мицкоски придружен од директорките на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) и на Археолошкиот музеј на Македонија, Весела Честпева и Магдалена Манаскова, двете институции кои заедно работат на проектот прекинат во 2017 година.
Мицкоски по увидот за медиумите изјави дека очекува во периодот што следува Калето да го добие, како што рече, „оној лик и функционалност каква што ја заслужува“.
„Тоа е наша цел како Влада заедно со институциите коишто се надлежни за различни делови. Очекувам кога сето ова ќе биде завршено да имаме навистина исклучително квалитетен објект во Скопје, којшто ќе претставува една од неколкуте исклучително ретки и важни туристички атракции во Скопје. Ако биде се како што треба, тоа ќе се случи следната година. Калето има повеќе можности и ние како Влада ќе застанеме зад институциите, и финансиски и логистички, за Скопското Кале да го добие ликот што го заслужува и да биде дел од Скопје - европска престолнина на културата. Мислам дека ќе бидат исклучително изненадени граѓаните од сето она коешто ќе биде изложено. Зборувам не само за скопјани туку, би рекол, и светот“, истакна Мицкоски.
Директорката на УЗКН, Весела Честоева, посочи дека при капиталните истражувања на Калето од 2007 година биле откриени над 5000 предмети.
„За жал, од 2017 до 2024 година овие предмети се чуваа во супстандардни услови овде, на Кале. Со доаѓањето на новата Влада во 2024, Управата за заштита на културното наследство како инвеститор на овие два објекта поднесе информација до Владата и успеа да обезбеди средства од 8 милиони денари и формираше работна група која изработи предлог-пресметка, врз чија основа се распиша тендер за тековоно одржување, адаптација и санација на Праисторискиот музеј и на Музејот на осмалискиот период. За изведувач беше избрана компанијата „Нет инвест“ од Теарце и за неполна година објектите се веќе завршени. Седум години тие беа оставени на забот на времето“, изјави Честоева.
Посочи и дека во завршна фаза во Владата е носење одлука за прогласување на Скопската тврдина - Кале за културно наследство од особено значење поткатегорија: големо значење, со која надлежностите ќе бидат поделени меѓу Град Скопје и Археолошкиот музеј. Археолошкиот музеј ќе стопанисува со двата музејски објекта и ќе ги уреди ентериерите, со што музеите ќе бидат дел и од понудата за Скопје – Европска престолнина на културата во 2028.
„Со тоа Управата ја завршува работата на Кале и се сели на Плаошник за да може и таму да ги ставиме објектите кои со години, исто така се оставени на забот на времето“, рече Честоева.
Директорката на Археолошкиот музеј на Македонја, Магдалена Манаскова, изјави дека ќе продолжат со работата каде што застанува УЗКН. Соопшти дека нивниот тим од вторник ќе го почне ентериерното уредување на музеите односно нивна подготвка за отворање и пуштање во употреба.
„Завршени се градежните работи и со одлука на Владата Археолошкиот музеј ги доби предметите прибавени при археолошките истражувања на Кале и во моментот работи на концептот што ќе биде презентирано во Музејот на праисторијата и во Музејот на осмалнискиот период. Идеен автор на концептот на двата музеја е долгогодишниот истражувач и раководител на археолошките истражувања на Скопската тврдина, проф. д-р Драги Митревски, автор на дизајнот на поставката е проф. д-р Јован Ивановски. Го креиравме и визуелниот идентитет на музеите, чиј идеен автор е проф. д-р Гордана Вренцовска“, изјави Манаскова.


























