Францускиот претседател Емануел Макрон денес на состанокот на лидерите на ЕУ во Копенхаген изјави дека секое користење на замрзнатите руски средства од страна на Европската Унија во корист на Украина мора да биде во согласност со меѓународното право.
Тој потврди дека се согласува со белгискиот премиер Барт де Вевер, кој ја критикуваше иницијативата на Европската комисија, пренесува Ројтерс.
„Кога средствата се замрзнати, меѓународното право мора да се почитува. Тоа е она што го нагласи и белгискиот премиер“, изјави Макрон пред новинарите.
Пред состанокот на лидерите на ЕУ во Копенхаген, холандскиот премиер Дик Скоф изјави дека предлогот за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на одбраната и реконструкцијата на Украина треба сериозно да се разгледа, под услов да се покријат правните и финансиските ризици.
Латвиската премиерка Евика Силина денес во Копенхаген нагласи дека Европската Унија мора да ги користи руските средства замрзнати поради инвазијата на Украина.
„Замрзнатите руски средства треба да се искористат максимално за да се помогне на Украина“, изјави денес естонскиот премиер Кристијан Михал, додавајќи дека „Русија апсолутно ја тестира Европа“, објави претходно Ројтерс.
„На Украина ѝ треба повеќе, во однос на оружје, помош и пари. Треба да ги користиме замрзнатите руски средства колку што е можно повеќе за овие цели“, рече Михаил пред состанокот со лидерите на ЕУ во Копенхаген.
Минатата недела, Европската комисија предложи користење на замрзнати руски средства за финансирање на таканаречен заем за репарации што би ги поддржал воените напори на Киев во време кога американската воена помош се намалува.
Финскиот премиер Петери Орпо потврди дека Финска, исто така, ја поддржува предложената употреба на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина.
„Ни треба силен и одржлив долгорочен пакет за Украина преку користење на замрзнатите руски средства. Тоа е многу добра идеја и мислам дека треба да го спроведеме“, рече Орпо.