Пред голем испит сме: или ќе го гарантираме меѓународниот поредок врз визионерски принципи или ќе итаме кон катастрофа со несогледливи размери за човештвото, истакна претседателката Гордана Сиљановска- Давкова обраќајќи се денеска на 80. Сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Претседателката во обраќањето ја истакна долготрајната блокада на македонскиот евроинтегративен процес и го осуди условувањето со нови уставни измени како неприфатлив и штетен преседан.
„Процесот на македонското пристапување кон Европската унија веќе две децении е попречуван, не поради неисполнети критериуми, туку поради субјективни и националистички причини,“ рече претседателката.
Таа нагласи дека Уставот е „општествен договор меѓу граѓаните“ и дека неговото менување е строго внатрешно прашање на државата.
„Овластен предлагач на амандмани може да биде само претседателот, владата, пратеници или граѓаните. Не соседите, ниту ЕУ,“ додаде таа.
Сиљановска Давкова потсети дека со Преспанскиот договор беа затворени чувствителни теми поврзани со идентитетот, но новите барања ги отвораат повторно. Таа потсети и дека во Договорот за добрососедство со Бугарија не постојат обврски за уставни промени.
„Ако ЕУ се темели на принципот на единство во различностите, тогаш мора да го почитува и нашиот културен и јазичен идентитет,“ нагласи претседателката.
ЕУ не смее да го остави Балканот во вакуум
Во своето излагање, таа предупреди дека застојот во проширувањето на ЕУ го отвора регионот за влијание на трети геополитички сили.
„Со затворената врата за Западен Балкан и отворената врата за други центри на моќ, Унијата создава безбедносен ризик. Ако ЕУ навистина сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Балканот во вакуум,“ изјави Сиљановска Давкова.
Таа заклучи дека Македонија останува искрено посветена на европскиот проект и на добрососедските односи, но интеграцијата мора да се одвива без дополнителни услови што го доведуваат во прашање националното достоинство и суверенитетот на државата.
Претседателката претходно истакна дека Обединетите нации денес се соочуваат со геополитички и геоекономски земјотрес, а денешните кризи се последица на длабоки тектонски поместувања што ги подриваат принципите што го обликуваа светот изминативе 80 години.
„Наместо да создава свест за споделена иднина, човештвото се соочува со војни и со губење на хуманоста. Со сè почестото игнорирање на меѓународното хуманитарно право, гладот станува оружје, а хуманитарните работници мета. Потресите на меѓународниот поредок отворија длабоки геополитички раседи. Еден од најактивните е во Украина, каде веќе три и пол години беснее војна. Руската агресија е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и директно ги загрозува меѓународниот мир и безбедноста“, рече Сиљановска- Давкова.
Таа повика на итна деескалација, доследно почитување на меѓународното право и примена на превентивната дипломатија за намалување на тензиите и зачувување на мирот.
Одржлив мир на Блискиот Исток единствено преку дијалог
Во обраќањето, осврнувајќи се на Блискиот Исток и Газа изрази убедување дека дека одржливиот мир на Блискиот Исток може да се постигне единствено преку дијалог и дипломатија, во согласност со меѓународното право.
„Во тој дух, ја реафирмираме нашата поддршка на меѓународните напори насочени кон деескалација, инклузивен дијалог и директни преговори. Алтернативата е да се обидеме да го ревитализираме мултилатерализмот и да ги направиме неговите институции поотпорни на системските потреси“, рече СиљановскаДавкова.
Според неа младите генерации имаат право на обновена Повелба, на реформирани и силни Обединети нации што ќе им овозможат да живеат во мир меѓу народите, но и мир со природата.
„Тие реформи не смеат да бидат козметички, туку длабоки за да овозможат поголема инклузивност, хармонизација меѓу вредностите и механизмите, оптимизација на националните и глобалните интереси, силни и функционални институции“, рече Сиљановска Давкова.
Што се однесува до климатските промени, таа укажа дека македонските граѓани веќе ги чувствуваат последиците од климатската криза, како што се екстремните временски услови, поради што на ЦOP29 во Баку земјата го поддржа спроведувањето на Парискиот договор.