Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека во земјава во последните неколку месеци се забележува хибриден напад од различни страни, кој претставува опасност за клучните точки во државата.
„Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни, на повеќе полиња имаме загрозување на одредени витални точки во државата”, изјави Тошковски.
Тој додаде дека Министерството за внатрешни работи презема мерки, но во моментов не може да открие повеќе информации во јавноста.
„Дали постапуваме? Постапуваме. Дали можам дополнително да изнесам информации во јавност во овој момент? Не”, рече Тошковски.
На прашањето дали постои нова трага или осомничени за центрите на моќ кои, според одредени тврдења, се одговорни за пожарите, Тошковски кратко одговори: „Да, имаме”, без да навлегува во детали. Тој напомена дека во моментов не може да сподели повеќе информации за центрите на моќ кои стојат зад пожарите.
Тошковски ги даде овие изјави по 16-тата меѓународна научна конференција „Системска корупција – најголемата безбедносна закана: Безбедносно-стратешки пристапи за решавање на сложените предизвици“, организирана од Факултетот за безбедност – Скопје. Тој исто така посочи дека “Хибридни закани е поим што многу често се користи во рамки на научна мисла и во рамки на праксата, особено од страна на безбедносни служби.”