Пред триесет години, во Пекинг, нациите од светот дадоа свечена заклетва: да ги унапредат правата на жените како човекови права, да постигнат родова еднаквост и да им дадат моќ на секоја жена и девојка да живеат ослободени од насилство, дискриминација и ограничување, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова обраќајќи се на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција на жените, што се одржа вчера во Њујорк во рамки на 80. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
„И сепак, три децении подоцна, мора да признаеме: напредокот е нееднаков, кревок и премногу често реверзибилен. Насилството врз жените и натаму останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а структурните бариери сè уште го негираат лидерството, ресурсите и моќта за донесување одлуки на жените. Тоа не се апстракции, тие нанесуваат рани на семејствата, општествата и генерациите“, истакна Сиљановска-Давкова.
Според неа, во исто време, институцијата создадена да го заштити мирот - Обединетите нации, се соочува со длабока криза.
„Замислена како најголем мировен проект на човештвото, таа сега стои исправена наспроти војните кои што беснеат низ континентите. Осумдесет години по нејзиното основање, мирот, raison d’être - причината за постоење на ОН, останува неостварлив. Марс сè уште владее кога Венера - отелотворена во визијата, сочувството и лидерството на жените треба да ја води нашата заедничка иднина. Ако сме сериозни во врска со мирот, тогаш време е да го довериме кормилото на Обединетите нации на жена“ потенцира Сиљановска - Давкова.
Таа смета дека жените во светот, заедно со децата, се првите и најголемите жртви на војната. Но посочи и дека тие се и носители на исцелување, сочувство и надеж.
„Родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку е хуманистички императив. Не бараме услуги, ниту матријархат, туку праведен поредок во кој талентите и креативноста на половина од човештвото се целосно признати заради напредокот на политиката, науката, здравството, образованието и мирот. Пекиншката декларација повикува да се обезбедат еднакви права и еднаков пристап за жените и мажите, девојчињата и момчињата. Овој повик останува итен и денес“, рече претседателката.
Таа порача дека „мора да собереме храброст, да се осмелиме да го трансформираме овој турбулентен свет и да ја обновиме нашата посветеност на визијата од Пекинг за секоја жена и девојче, како и за ветувањето за поправедна, похумана и помирна иднина“.
Според агендата, Сиљановска- Давкова денеска ќе присуствува и на приемот во чест на шефовите на делегации од Југоисточна Европа, организиран од Американско – балканската стопанска комора, како и на вечерата на високо ниво во рамки на Годишното заседание на Платформата на жени лидери при ГС на ОН.