Европската комесарка за соседство и проширување, Марта Кос, предупреди дека Босна и Херцеговина ќе изгуби дополнителни 100 милиони евра од Европскиот план за раст доколку не се обврзе да ги спроведе потребните реформи до крајот на септември.
На крајот од тридневната посета на Босна и Херцеговина, комесарката Кос се обрати пред членовите на двата дома на државниот парламент, повикувајќи на исполнување на условите за да не се загрози пристапот до средствата од Планот за раст, но и да се отворат преговори со Европската Унија до крајот на годината.
„Доколку списокот со реформи не биде доставен до крајот на септември, Босна и Херцеговина ќе изгуби дополнителни 100 милиони евра од Европскиот план за раст“, предупреди комесарката Кос во своето обраќање.
Европската комисија неодамна ѝ ускрати 100 милиони евра на Босна и Херцеговина, а сега најавува нови скратувања.
Претседателот на најголемата српска партија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, вчера изрази сомнежи дека земјата ќе го усвои списокот на реформи потребни за исполнување на условите од Планот за раст, без кој се заканува дека ќе остане без средства одобрени од Европската унија за Босна и Херцеговина.
Доколку БиХ не го испрати списокот на реформи до крајот на септември, 100 милиони евра ќе бидат распределени на другите земји во регионот.
За време на обраќањето пред парламентарците, комесарката Кос истакна дека европските граѓани, предводени од жителите на Хрватска, Словенија и Австрија, најсилно го поддржуваат проширувањето на ЕУ, вклучително и членството на Босна и Херцеговина.
Таа додаде дека ова треба да биде мотив за политичарите да ги забрзаат реформите. Таа повика тој процес да се деблокира до крајот на годината, предупредувајќи дека е клучно БиХ да го фати сегашниот бран на проширување.