Извршниот директор на Тесла и Спејс Х, американскиот милијардер Илон Маск, им се придружи на 165.000 потписници на отворено писмо со кое се повикува на враќање на поранешниот извршен директор и коосновач на американската технолошка компанија Нвидиа, Јенсен Хуанг, на чело на компанијата.
Маск и голем број истакнати личности од технолошката индустрија потпишаа отворено писмо во кое повикуваат на враќање на Хуанг на чело на Нвидиа само неколку дена откако тој поднесе оставка по скандал поврзан со вонбрачни афери и шпионирање.
Писмото собра над 165.000 потписи, вклучително и оние на илјадници поединци кои тврдат дека се вработени во Нвидиа.
Потписниците бараат од Одборот на директори повторно да го постави Хуанг на функцијата извршен директор, сè додека независна истрага не ги утврди сите околности околу неговото заминување.
Во меѓувреме, американската администрација бара одговори во врска со можни прекршувања на забраната за продажба на напредни чипови на Кина
Покрај Маск, поддршка за враќањето на Хуанг дадоа и Тим Свини, основач и извршен директор на Епик Гејмс (Еpic Games), како и Гери Тан, претседател на Y Комбинатор, познат американски акцелератор за стартапи.
Меѓу потписниците е и Тревис Каланик, коосновач на Убер, кој смета дека грешките на Хуанг не го оправдуваат неговото заминување од компанијата.
„Тој направи грешка, да. Човечки е да се греши. Но не верувам дека што било што го направил, го оправдува неговото разделување од компанијата“, напиша Каланик.
Повеќе од 7.500 потписници се идентификуваа како вработени во Нвидиа, што претставува приближно 18 отсто од работната сила на компанијата. Сепак, идентитетот на потписниците и нивната поврзаност со компанијата не се независно потврдени.
Според Фајненшел тајмс, Хуанг разговарал за можноста за враќање на позицијата извршен директор со луѓе блиски до него.
Еден од неговите сојузници изјави дека група влијателни раководители од Силиконската долина се организираат за да се обидат да го убедат Одборот да го врати Хуанг. Тие, исто така, планираат да побараат поддршка и од Белата куќа.
„Сите што се важни во технолошката индустрија, со исклучок на лабораториите што ги развиваат најнапредните модели на вештачка интелигенција, го сакаат Џенсен“, изјави извор за Фајненшал тајмс.
Според изворот, Хуанг ги поддржува овие напори.
Двајца големи инвеститори во Нвидиа, Бред Герстнер и Гевин Бејкер, исто така го повикаа одборот на директори да не ја исклучува можноста за враќање на Хуанг.
Минатиот четврток, Хуанг ја напушти компанијата што ја основаше во 1993 година и со која раководеше 33 години.
Неговото заминување уследи по откритијата во медиумите за најмалку две вонбрачни афери.
Едната се однесуваше на деловна жена за која американските разузнавачки служби се сомневаат дека има врски со кинеска шпионажа, додека другата вклучуваше вработена во Нвида која му била директно подредена.




















