РЕГИОН
5 мин читање
Со свечена академија во Скопје одбележан Меѓународниот ден на Бошњаците
„Бошњаците во Северна Македонија претставуваат мост на пријателство и соработка, а нивното присуство и придонес во општеството се непобитни“, истакна Хелез.
Со свечена академија во Скопје одбележан Меѓународниот ден на Бошњаците
Со свечена академија во Скопје одбележан Меѓународниот ден на Бошњаците / TRT Balkan
пред 12 часа

Во присуство на претставници на јавниот, политичкиот и општествениот живот, во конференциската сала на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје, по повод 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците вчера се одржа свечена академија во организација на Бошњачкиот национален совет во РСМ, а под покровителство на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС).

Заменикот на претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина и министер за одбрана Зукан Хелез беше еден од говорниците на свеченоста, кој упати срдечни честитки до Бошњаците во Република Северна Македонија, потенцирајќи дека тие се важен дел од општеството и мост помеѓу двете земји.

„Бошњаците во Северна Македонија претставуваат мост на пријателство и соработка, а нивното присуство и придонес во општеството се непобитни. Драго ми е што властите на оваа земја континуирано ја препознаваат важноста на бошњачката заедница и го поддржуваат зачувувањето на нејзиниот културен идентитет и рамноправното учество во општествениот живот“, рече Хелез.

Тој нагласи дека заедничката иднина на регионот се препознава во Европа, во НАТО-сојузот и во вредностите на демократијата, правдата и безбедноста. Исто така, Хелез додаде дека „Бошњаците, длабоко вкоренети во европската традиција, отсекогаш биле насочени кон највисоките цивилизациски вредности, стабилност, просперитет и заедништво.“

„Патот по кој одат Босна и Херцеговина и Северна Македонија е пат на мир и соработка, а Бошњаците на тој пат имаат природно и значајно место. Заедничката историја, а особено заедничката иднина, се темели на отвореноста на општеството, почитувањето на различностите и политичката зрелост. Иднината на регионот е европска и евроатлантска, а Бошњаците се подготвени да бидат нејзин активен и одговорен дел“, истакна министерот Хелез.

Тој додаде дека ваквите собири „не се само прослава на идентитетот, туку и порака дека едни на други сме си потребни и дека мора да се почитуваме.“

„Затоа упатувам искрени честитки по повод Денот на Бошњаците, со желба овој празник и во иднина да го славите во мир, слога и меѓусебно почитување“, порача Хелез.

Со свое обраќање на свечената академија присутните ги поздрави турскиот амбасадор во земјава, Фатих Улусој. Тој упати срдечни честитки до Бошњаците по повод нивниот национален празник - 28 септември, посакувајќи успех и просперитет на Бошњаците, како и на сите заедници кои се дел од мултикултурното општество на Република Северна Македонија. Исто така, амбасадорот Улусој до присутните ги пренесе поздравите од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Претседателот на Бошњачкиот национален совет (БНВ) во РСМ, Џевад Хот, во своето излагање пред присутните се осврна на важноста на историскиот ден за Бошњаците.

„На 27 септември во 1993 година, во многу тешки и пресудни моменти за Бошњаците и Босна и Херцеговина, кои беа изложени на системско унишутвање, во главниот град на нашата земја, се собраа тогаш најголемите интелектуалци на нашиот народ и разговара за судбината на земјата. Бошњачките интелектуалци на тогашниот собир донесоа две историски одлуки. Усвоена е Декларацијата со која е вратено забранетото народно име Бошњак. Со друга одлука, Бошњачкиот сабор се определи за единствена држава Босна и Херцеговина во нејзините историски граници - учесниците на собирот одбија поделба на БиХ.Тој историски момент не е само симбол на враќање на името на еден народ, туку и признавање на неговата повеќевековна културна и цивилизациска присутност на Балканот“, истакна Хот.

Тој нагласи дека Бошњаците во Северна Македонија се народ кој тука живее со векови.

„Нашата присутност не е случајна, ниту минлива. Од првите доселувања па се до денес, Бошњаците со својата работа, знаење, обичаи и вредностите се неизоставен дел од оваа држава. Бошњаците во Северна Македонија не се само чувари на својата традиција. Тие се активни градители на оваа држава. Нашите луѓе дадоа придонес во сите области“, додаде Хот и ги повика Бошњаците да бидат единствени со цел остварување на своите национални интереси.

„Единство не значи униформност. Единство значи да ги почитуваме различностите меѓу нас, ано да знаеме дека заедничката цел е поважна од индивидуалните интереси. Само со единство можеме да бидеме гласни, препознатливи и почитувани“, потенцираше Хот.

Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац, во својот говор се осврна на важноста на единството во рамките на бошњачката заедница. Тој нагласи дека единството и меѓусебната поддршка се клуч за опстанок во сложени општествени и политички околности.

„Без единство нема напредок. Мора да ги надминеме поделбите и да дејствуваме како едно тело, еден глас, бидејќи само на овој начин можеме да постигнеме конкретни резултати за нашиот народ“, рече Колашинац, нагласувајќи дека Бошњаците во Северна Македонија имаат капацитет, знаење и волја да придонесат за градење на поправедно и постабилно општество.

Претседателот на Исламската верска заедница во Република Северна Македонија, Реис-ул-улема хаџи хафиз Шаќир ефенди Фетаху, во поздравниот говор го честиташе Меѓународниот ден на Бошњаците, нагласувајќи дека тие како заедница придонесуваат во сите сфери од интерес на општеството.

„Овие денови Бошњаците одбележуваат важни датуми од нивната национална историја. Тие се вреден и народ кој е еден од столбовите на Исламската верска заедница во Република Северна Македонија“, истакна Фетаху посакувајќи мир, благосостојба, успех и просперитет за бошњачката заедница и целокупното општество.

По обраќањата на учесниците на свечената академија, следуваше пригодна културно-уметничка програма, во чии рамки настапија КУД „Илијаш“ од Босна и Херцеговина и Хасиба Агиќ, интерпретаторка на севдалинки.

Со измените на Законот за празници во Македонија, на 8 февруари 2007 година во македонското Собрание 28 септември е прогласен за Ден на Бошњаците во земјата.

Според последниот Попис на населението спроведен во 2021 година, во Република Северна Македонија живеат 16.042 Бошњаци, односно 0,87% од вкупното население.

Повеќе
Почна изборната кампања за осмите локални избори од независноста
Кајмак: Омилениот кремаст намаз на Балканот
Гаши: Бошњаците се значајна карика за нашата држава
Форензичари повикуваат на истраги за воени злосторства во Газа по моделот на БиХ и Косово
Загрижува ненадејната срцева смрт кај млади луѓе
Од утре на сила новите измени на законот за безбедност во сообраќајот
Сиљановска Давкова во ОН: Сакаме интеграција во ЕУ, но без дополнителни услови и со достоинство
Скрининг во Трубарево: Од 111 прегледани граѓани, 11 ќе бидат дополнително испитувани
Пад на продажбата на станови во вториот квартал
Алиу: Набрзо ќе има ревидирање на листата на лекови, тоа ќе се прави два пати годишно
Кос: Босна и Херцеговина ризикува да изгуби 100 милиони евра без списокот на реформи
Славески на 15 октомври ќе го потпише писмото со кое земјата ќе влезе во системот на инстант плаќање
Тошковски: Хибриден напад е факт, институциите работат на случајот
ДИК: Потврдени 303 листи за градоначалник на општините и на Град Скопје
Сиљановска- Давкова: Ако сакаме мир време е да го довериме кормилото на ОН на жена
Мицкоски со директорот на Стопанска комора на Дубаи: Гледаме значаен потенцијал во ова партнерство