Рускиот регулатор за комуникации започна со ограничувања на апликацијата за криптирани пораки Телеграм, забавувајќи ги неговите услуги поради незаштување на личните податоци и спречување на терористите и криминалците од нивно користење.
Телеграм е инаку една од најкористените апликации за допишување и споделување информации директно од линиите на фронтот во руската војна во Украина.
„Апликацијата за пораки сè уште не се придржува до руските закони, не ги заштитува личните податоци, нема реални мерки за борба против измами и не го спречува користењето на сервисот за терористички и криминални цели“, се вели во соопштението на Роскомнадзор.
Надзорниот орган предупреди дека ќе продолжи да го ограничува работењето на Телеграм сè додека не се отстрани прекршувањето на руските закони.
Роскомнадзор е подготвен да соработува со сите домашни и странски интернет ресурси, сè додека тие ги почитуваат Русија и нејзините граѓани, се наведува во соопштението.
Во меѓувреме, судот Тагански во Москва соопшти дека Телеграм се соочува со казни во вкупен износ од 64 милиони рубли (приближно 70.000 евра) поради одбивање да отстрани забранета содржина и непочитување на законот за саморегулација.
Од 2019 година американските платформи за социјални мрежи како X (претходно Твитер), Фејсбук, Инстаграм, Линкдин и видеоплатформата Јутјуб се блокирани во Русија поради непочитување на домашното законодавство.








